Од 26 до 29 ноември ќе се одржи петтото издание на Неделата на дизајн во Скопје во просторот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје. Оваа година на малиот јубилеј на Неделата на дизајн во Скопје во фокус ќе бидат младите балкански дизајнери.
И оваа година ќе има предавања, работилници за дизајнери и архитекти, детски работилници, музичка програма, деловни средби, гастрономија…
– Оваа година фокусот е на домашната продукција. СДВ не трае само овие неколку дена, туку 365 дена во годината. Затоа и ова, јубилејно петто издание се случува во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, каде што секој дизајнер, архитект, иноватор може да дојде и во нашата работилница да го изработи својот прототип на дизјан. Значи просторот е отворен јавен, па оттука и името „Јавна соба“. За овие пет години откако постои СДВ се лансираа 30 македонски марки и во наредните пет треба да се пробијат уште 150 марки кои ќе станат препознатливи во светот. И тие не треба да бидат препознатливи само виртуелно, туку вистински да бидат пласирани на пазарот – изјави Александар Велиновски, директор на СДВ.
СДВ се смета за еден од катализаторите на развојот на дизајн секторот во Македонија и донесе успех во поглед на формирање на нови домашни марки и нивна застапеност на светските пазари. Балканската дизајн мрежа која лани се формираше на СДВ ќе направи отворена презентација каде што ќе ги претстави бенефитите за дизајнерите од регионот. Гости на СДВ се Маја Лалиќ, уметнички директор на Миксер Белград и Јелена Матиќ од Факултетот за дизајн од Белград.
Тамара Георгиевска е македонска дизајнерка која трипати учестувала во групи изложби на СДВ, а лани првпат изложувала сама. Таа креира парчиња мебел и сиот мебел што го има во „Јавна соба“ е изработен во работилницата за прототип во центарот за дизајн и иновации.
– Ги охрабрувам сите млади дизајнери да бидат похрабри, поупорни и да веруваат во она што го работат – вели Георгиевска.
Марта Наумовска Грнарова е програмски директор на СДВ и таа потенцираше дека задачата на Неделата на дизајн во Скопје е да се изгради дизајн-сцената во Македонија и да се „разбудат“ студентите, а на клиентите да им се презентира што значи дизајн и колку е тој важен.
– Ова петто издание на СДВ би го нарекла транзициско, каде што треба да покажеме што сме научиле, да ги охрабриме дизајнерите што направиле нешто да изложат – вели Наумовска Грнарова.
– Овој простор е посветен токму на креативците. Од отворањето на „Јавна соба“ се случија многу настани. На петтото издание на СДВ ќе има многу предавања, работилници, музички настани…Во изминатите три години Министерството за култура поддржа 150 проекти и тие се присутни во „Јавна соба“. Да потсетам дека до 4 декември е отвроен четвртиот конкурс во областа на креативните индустрии кој го распиша Министерството – изјави Елизабета Канческа Милевска, министерката за култура.
Велиновски потенцираше дека е потребна поголема почит за македонските производи, на сметка на странските производи.
– Освен свест за македонско вино, кај нас не постои свест за друга марка. Се запоставува македонскиот квалитет на сметка на странски производи и тоа колку подалеку толку подобро. Македонските марки имаат квалитет и таа свест треба да се развива – смета Велиновски.
Отворањето на Неделата на дизајн во Скопје во „Јавна соба“ е закажано за в четврток, во 20 часот со настап на Синан-кларинет, Вали-сакс и Ел Мамер-конга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Пастело“ е избран за Најдобар млад бренд на Неделата на дизајн во Скопје
-
Георги Шаревски, џез-гитарист: Имам среќа да соработувам со постари и поискусни музичари од мене, што ме научи да бидам понизен и благодарен
-
Васил Хаџиманов гостин на Недела на дизајн во Скопје со промоција на албумот „Alive“
-
Александар Велиновски, СДВ: Станавме најпопуларна дизајнерска платформа во регионот