| четврток, 6 декември 2018 |

Васил Хаџиманов гостин на Недела на дизајн во Скопје со промоција на албумот „Alive“

Реномираниот српски џез пијанист со македонско потекло Васил Хаџиманов со неговиот бенд ќе настапи вечерва на Неделата на дизајн во Скопје. Лани прославија 20 години работа, а сега го промовираат шестиот албум „Жив“ (Alive), прв албум што го снимиле на живо во пет различни места, кој реномираниот магазин „Даунбит“ (DownBeat) од САД го прогласи за едно од врвните изданија на 2016. Зачинот на вечерта на приземјето на Јавна соба ќе го додаде диџејот Александар Мисковски.

Третиот ден на седмото издание на Неделата на дизајн во Скопје е прилично динамичен. Во тек се работилниците на кои 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10-18 години. Обуки на наставниците од 23-26 ноември ќе ги изведува Ноам Сохачевски од Британија, а самите програми за деца ќе стартуваат во Македонија и останатите земји во регионот од јануари, 2018. Ова е првата програма за дизајнерско размислување за деца, во соработка со Неделата на дизајн во Скопје, Британскиoт совет и Швајцарската претприемачка програма Свис контакт.

– Денес „Јавна соба“ е епицентар за архитекти, дизајнери и производители, каде преку презентациите за искуство во продукт дизајнот изнесено од страна на Доротја Кис од YouHU, и аксесоари за велосипеди од Будимпешта на Пејпер Спокерс (PaperSpokers) – Зсофија Бако, ја заокружуваме денешната работна програма. Она што нам ни е најдраго дека оваа Недела на дизајнот во Скопје донесе интересна публика земјава и странство – изјави Марија Нововиќ Јовановска од организацијата на СДВ.

Викендот на 25 и 26 ноември е резервиран за можеби најдобрата музичка програма досега на Неделата на дизајн во Скопје.

На 25 ноември од Берлин доаѓа реномиранот македонски џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески. Автор е на 7 албуми со оригинална музика, а на концертот во Скопје ќе свири со Оливер Јосифовски („Љубојна“) на бас, и Виктор Филиповски („Фиерс“) на тапани.

На 26 ноември, денот посветен на годинешната земја во фокус Унгарија, ќе свири унгарскиот секстет „Михаљи Борбељи Балкан џез проект“. Предводен од унгарскиот саксофонист Михаљи Борбељи, бендот свири музика со моќни ритми, елегантно транспарентни, лирски мелодии и френетични танцови песни што се комбинираат со одличен ефект.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба и Лукс мебел и расветa секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top