Нездрава е духовната атмосфера кај нас. Лошо е сфатено либералното однесување. Кавгаџиски се кажува сѐ, само за да биде спротивното. Во јавните искази во медиумите, на конференциите за печат, во разговорите меѓу луѓето присутни се многу манипулации, лаги, напади на луѓе, озборување. Сѐ со празен од во напредокот и да ја загрозат атмосферата во животот на луѓето и да создадат лош имиџ за општеството. Место со аргументи при соочувањето со различните ставови, нивото се симнува на тривијалности, на лесен разговор, на кафеански муабет.
Не можеме да не го искажеме големото незадоволство со таквата практика и да ја преземеме одговорноста за состојбата во која, помалку или повеќе, сме учесници.
Ќе речете, во демократијата сѐ е дозволено. Ќе речете тоа е меѓупартиска борба, па сѐ е дозволено. Се работи за остварување различни интереси, кои ги оправдуваат средствата во политичката борба, па сѐ е дозволено. Сепак, во организираните општества не е така. На празните ставови, тие што не можат да бидат објективни, за да можат да бидат земени и прифатени сериозно, јавноста се спротивставува и ги рационализира преку реакција на стручната јавност, на медиумите, на политичките субјекти, воопшто на граѓанството.
Нашето општествено битие е раздвоено. Не е тоа само според етничка и културно-религиска основа, туку е и врз политичка основа. Секако, мора да се нагласи дека разликите на ставовите врз сите основи се корисни. И се основата врз која напредува општеството. Во процесот на напредувањето на општеството потребно е тие да се признаат, како политичко-културен пристап. На таков начин се учи на вредности, но и за начинот како воопшто се постигнува успех.
Најстрашното раздвојување, сепак, останува тоа што е поврзано за промената на свеста, надминувањето на старата свест. Затоа што при општествените промени таа најбавно се менува, односно последна се менува, како завршок на промените во општеството и грубите промени во свеста. Таа да стане ослободувачка за процесите и да престане да биде нивната сопирачка и одмагање.
Се говори за толеранција што е потребно да се спроведе кон различните мислења. Се говори за дијалог. Но, апсолутно, мора да се подвлече дека дијалогот не е немислечка толеранција кон различноста на мислењата.
Затоа што во дијалогот има сооднос меѓу партнерите што разговараат. Во филозофска смисла, во дијалогот, меѓусебно, се препознаваат противречностите во исказите за да се надминат. На таков начин расправата се одвива како теориски свесна и практични, политички и етички одговорна за трансформацијата на општеството во неговите сегменти.
Навистина, демократија лежи врз различните ставови и врз правото тие јавно да се изразат и политички да се артикулираат. Дека „и ти си во право, но и дека јас сум во право“, е појдовната основа во демократијата за да се надмине монистичкиот пристап и гледање. Како појдовна основа е апсолутно напредна. Но, таа е почетната основа, од која треба да се тргне но, не може и да се очекува и дека треба да се застане на неа. И кога станува збор и за политичките и за културните и за етничките различности. Во македонскиот јазик постои зборот разбирање на што е разговорот упатен, како на нешто што е полезно и надминувачко. А тоа бара проникнување во различните ставови од нашите. И дека тоа е начин за да се води разговор. А без вложувањето на таков напор, разговорот би бил непродуктивен.
Очекуваната демократска критика затоа е сестрана, навистина богата со содржина, материјално–критична расправа. Критика што надминува со свест за да се доврши старата состојба од тоа што постои како материјална основа. Да се изврши преобразба на старата состојба во нова. Притоа, се разбира, не е доволно мислата да се стреми кон остварување, но стварноста сама мора да натиснува кон мислата.
Таквата критика има што да каже. Не површно да каже, само за да каже, како сурова критика на сѐ постојно, туку критика што расчистува работи. Афирмативна критика, не само негација. Теориско-дијалошко расудување, расправа со противречните тези поради теориска димензија на вистината и поради вистинска синтеза за човечкиот опстанок. Критика на целината на едно збиднување (како историско) да добие мерило за функционална критика на посебен сектор, детаљ, регион. Да се надминат антагонизмите што произлегуваат од општествените услови на животот на индивидуите.
Тоа е сметање со тоа што било и што е оптоварено со наодот како реална можност, што ги резимира во себе сите содржински тенденции на минатото, што не е минато, само затоа што било, затоа што сѐ што било и денес е и утре ќе биде. Место во минатото да гледа само пропаѓање или лошо сфатена иднина. Критика без примат на минатото и примат на иднината. Критика на минатото заради критика на сегашноста, и со тоа критика на иднината.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.