| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на првата книга раскази од Силвија Митевска „Додека Данте спие“

Во центарот за дизјан и иновации „Јавна соба“, денеска (20 часот), е закажана промоцијата на првата книга раскази од Силвија Митевска, „Додека Данте спие“. Промотори се Владимир Мартиновски и Марта Марковска, а ќе бидат проектирани и фотографиите од патувањата и дружењата со „Данте“. Од 21 часот, подиумот ќе го преземе диџеј Владодлак со неговиот музички сет.
49d86112-a1c8-4e02-8c6a-385e93c0613c
„Митевска е млада прозаистка која ѝ припаѓа на најновата генерација македонски раскажувачи. Нејзиниот раскажувачки тон е полн со свежина, со умешност, со возбуда, таа знае да раскажува, знае да ги слуша своите ликови и да ги води низ темните предели на раскажувањето, а резултатот на тоа одисеевско патување е проза која се чита во еден здив. Силвија Митевска е авторка за која ќе се слуша во иднина, сѐ повеќе и повеќе“, вели писателката и поетеса, Лидија Димковска.
„Ретко се случува при добивање ракопис на дебитант да се открие талент којшто веќе својата дарба ја здружил со не мала писателска умешност, односно – занает. Во дебитантската книга раскази на Митевска видливи се трагите на прозниот артизам, кој токму врз жанрот расказ поставува максимални барања пред авторот. Книгата ’Додека Данте спие’ е вистинска радост за македонската современа прозна продукција“, вели писателот и професор Венко Андоновски.
Силвија Митевска е родена на 14.11.1979 во Скопје. Нејзина професионална окупација било акробатското параглајдерство. За време на престојот во Италија и Израел пишува раскази. „Додека Данте спие“ е нејзина прва книга.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top