Нивото на закана од тероризам и денеска во 19-те општини во Брисел плус градот Вилворд остана на највисокиот Четврти степен, што значи дека заканата од терористички напад е се уште “сериозна и неизбежна” по главниот град на Кралството Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Координативното тело за анализа на закани (ОЦАМ), за во 17 часот закажа состанок со цел да донесе нова проценка на безбдносната ситуација, кога се очекува да се донесе одлука дали да се намали степенот на закана или истото ќе остане на максимум за Брисел.
Додека полициско-армиската опсада на градот продолжува, а во центарот се паркирани борни возила со тешко вооружување, националната телевизија “РТБФ” јави дека постојат неколку терористи на територијата на регионот Брисел, при што еден од нив наводно има прслук со бомба на него, од ист тип како и оние на бомбашите-самоубијци што на 13 ноември се разнесоа и предизвикаа човечки жртви во Париз. Иако е потврдено дека се трага по Салах Абдеслам, кој учествуваше во терористичките напади во Париз, белгиската полиција не известува дали е тој терористот што низ белгискиот главен град шета со бомба на себе. Наводно, полициските инспектори им се на трагата на двајцата терористи.
Мохамед Абдеслам, третиот од браќата Абдеслам (по Салах се трага, додека Брахим се разнесе со бомба во паришките напади), гостувајќи на националната телевизија, го повика својот брат да и се предаде на полицијата и да не прави никакво зло, порачувајќи дека “повеќе би сакал да го види својот брат во затвор отколку во гроб”.
Во исто време, состанок се очекува да се одржи и регионалниот совет за безбедност на градоначалниците на 19-те бриселски општини плус Вилворд. Според Бернар Клерфејт, градоначалник на бриселската општина Скарбек, закана за регионот на Брисел останува:
– Сериозната закана останува, како што вчера кажа и премиерот Шарл Мишел. Постојат двајца терористи на теренот во регионот Брисел што може да изведат многу опасни дејствија и по истите се трага. Мора да се внимава за да се предвиди, спречи и следи можноста од терористички напад што би можело да има драматични последици за луѓето. Додека постои оваа закана, сите мораме да бидеме многу внимателни – посочи Клерфејт.
Додека нивото на тревога е се уште поставен на Четврто ниво во Брисел и Вилворд, додека во останатите градови во Белгија е на Трето ниво. Метро-станиците во главниот град останаа затворени. Според Руди Верворт, министер-претседател на Регионот Брисел, јавното сообраќајно претпријатие “СТИБ/МИВБ” одлучило метрото најмалку до утре да не сопира на станицата Шуман, каде што се наоѓаат зградите на Европската комисија и на Европскиот совет.
Жоел Милке, министерка за образование на Белгија, посочи дека е во постојан контакт со кризниот центар формиран за оваа состојба, попладнево ќе донесат одлука дали училиштата ќе бидат отворени или не. Денеска, Брисел наликува на град на духови, со оглед на тоа што сите музеи, театри, кина и паркови се затворени. Неделниот пазар во населбата Миди за првпат не беше отворен денеска, како и отворените улични пазари во населбите Флаже, Сен-Жил, Андерлехт и во Скарбек.
Велосипедската трка од Лувен до Брисел, што требаше да ја организира партијата на “зелените” посветена на климатските прашања, исто така е откажана, како и сите аматерски и професионални фудбалски, кошаркарски и пливачки натпревари што требаше да се одржат во Брисел исто така се откажани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.