Премиерот Никола Груевски, денеска заедно со владина делегација присуствуваше и се обрати на бизнис форум во Будимпешта, Република Унгарија каде беа презентирани поволностите и бизнис можностите кои ги нуди Република Македонија за водење на бизнис.
Бизнис форумот се одржа во соработка со Американската стопанска комора во Унгарија. На истиот присуствуваа поголем број на глобални компании чии што регионални центри се лоцирани во Будимпешта, како и поголем број на унгарски компании од областа на енергетиката, здравството, инфраструктурата, туризмот и останатите стопански гранки.
Премиерот Груевски во своето обраќање информираше за погодностите кои што ги овозможува нашата земја за инвестирање, потенцирајќи дека Република Македонија е земја која што обезбедува најниски трошоци за водење на бизнис во Европа што е потврдено со поголем број на релевантни извештаи на меѓународни економски финансиски организации.
Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на Владата на континуирано унапредување на бизнис климата во нашата земја кое што се одвива преку постојани реформи и низ дијалог со бизнис заедницата. Тој посебно се осврна на најнискиот даночен пакет кој што го овозможува нашата земја и кој што претставува една од нашите главни позитивни карактеристики која што придонесува за привлекување на странските инвеститори.
-Персоналниот данок на доход изнесува 10%, исто како и данокот на добивка, а во случај на реинвестирање на добивката данокот е 0%. Ги намаливме и останатите трошоци вклучително и царинските давачки, данокот на додадена вредност за многу сектори беше намален од 18 на 5%, така што станавме земја со најниски даноци во Европа, изјави Груевски.
Премиерот Груевски се осврна и на погодностите кои што се нудат во технолошко-индустриските развојни зони каде инвеститорите се ослободени во првите 10 години од плаќањето на данокот на добивка и персоналниот данок на доход, а се ослободуваат и увозите на компаниите во зоните од плаќање на царина и на плаќање на ДДВ.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски во своето излагање ги потенцираше макроекономските индикатори кои што се позитивни и кои што гарантираат предвидливо опкружување за водење на бизнис. Тој се осврна за можностите кои ги обезбедува нашата земја од областа на производството и трговијата.
-Во соработка со Американската бизнис комора чии што членки се некои од најголемите светски корпорации, а чии седишта се тука во Будимпешта, организиравме презентирање на бизнис можностите кои се нудат во Македонија, а со еден дел од компаниите имавме и директни одвоени средби бидејќи тие се заинтересирани за барање на дополнителни дестинации каде што ќе го стационираат своето производство, некаде се работи и за компании од високата технологија, а исто така, имавме и директни средби со компании кои што се од Унгарија, кои што исто така како овие големи мултинационални компании ја препознаваат Македонија по поволната бизнис клима и бараат место каде што својата нова инвестиција би ја пласирале. Нашата цел е да им ја објасниме нашата економска политика и тие да дојдат во Македонија да ја направат својата инвестиција што за нас пак ќе го зголеми бројот на нови работни места и би значело зголемување на извозот, изјави вицепремиерот Пешевски.
Претставниците на Американската стопанска комора на компаниите кои што беа присутни вклучително и на претставниците на унгарските компании дадоа позитивни оценки за бизнис климата во Република Македонија и економските политики кои што се спроведуваат. Позитивно беше оценет даночниот пакет кој што го нуди Република Македонија, како и квалитетната и едуцирана работна сила која што ја има државата.
Ференц Понграч директор во IBM посочи дека имал можност да слушне многу од настапот на премиерот Груевски и владината делегација.
-Многу е корисно да се има вакви презентации бидејќи после тоа се располага со повеќе информации за Македонија. Она што го дознавме се ниските даноци, но освен тоа постојат и други посебни можности за инвеститорите. Беше импресивно да се види како Македонија инвестира во образованието и јас бев лично импресиониран од посветеноста на Владата во развојот на образованието поврзано со информатичките науки, изјави Понграч.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.