| четврток, 6 декември 2018 |

Фикции

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Покрај крвавите драми што го потресуваат светот, како последнава во Париз, воинтернационалната политика се лансираат и дистрибуираат и мноштво фикции во медиумскиот етер, како што беше таа, речиси синхронизирано пласирана за време на масакрите во „градот на светлината“, холивудската психодрамолетка за фамозниот Џихади Џон, еден вид антипод на романтизираниот англосаксонски јунак, Робин Худ, но овој пат во американски аранжман.

Инаку, Џихади Џон е касапот од ИСИЛ и по таа линија е многу посличен на фамозниот лондонски сериски убиец од викторијанскиот период – Џек Мевосек.

Сепак, Џек Мевосек, човекот што им ги сечеше стомаците на лондонските проститутки, беше урбана личност, додека Џихади Џон е рурален тип.

Заднините на неговите видеоперформанси се пустински пејзажи, додека амбиентот на лондонскиот убиец е маглив, таинствен и преполн со градска инфраструктура, која изгледа како лавиринт, од кој нема излез. Кон тоа, Џек Мевосек е бескрајно конспиративен, додека Џихади Џон е компулсивен егзибиционист, кој бара медиумско внимание и гласност.

И токму тука, Џихади му се приближува во карактерот на Робин Худ, и двајцата се рурални типови, а кон тоа, и Џихади и Робин имаат идеалистички, да не кажам, политички пораки и цели.

Но Робин Худ не сече глави, за разлика од Џихади Џон. Овој аспект на преференциите на Џихади го доближува до безумното хоби на Џек Мевосек, а последиците од нивното дејствување се идентични по степенот на суровоста и манијакалноста.

Се чини дека Џихади Џон бил инспириран и од едниот и од другиот. Сигурно, како мал Арапин во Лондон ја почувствувал целата суровост на страшната и арогантна дискриминација, која како да се наметнувала самата од себе. Како во самите гени на различните нации и раси што се движат по улиците на англискиот мегалополис да е внесен кодот на супериорноста и на инфериорноста, а кога кон тоа ќе се додаде и социјалниот статус, како и цинично рафинираната британска култура, малиот Џихади сигурно се чувствувал како животно.

Тоа уште од најмлади денови го уништувало неговото достоинство, а болката од овие катадневни понижувања го исполнувала со сè поголема и пофанатична омраза кон домородните белци, кон нивната култура и традиција, а најмногу од сè, кон нивната религија и начин на живот.

Затоа Џихади, уште од најраните денови бил погодна цел за локалните идеолози, кои со целата своја гето-филозофија, регрутирале вознемирени момчиња, каков што бил Џихади Џон.

Тогаш, веројатно, овој фанатизиран младинец, во својата анимална омраза, добил идеолошко алиби, плус вера, што, секако, го исполнило со чувствата на праведност и на човечко достоинство. Во тој момент младиот Џихади силно го чувствувал мотивирачкиот занес на саксонскиот херој Робин Худ, но, сепак, религијата на Робин и таа на Џихади, биле во геополитички конфликт. Така, Џихади го отфрлил Робин Худ цензурирајќи ја неговата личност и историски статус, заедно со неговата религија.

На сцената за идентификација останал само Џек Мевосек, како човек, сличен по силата на страстите на разјарениот Џихади, но Џек ниту исповедал, ниту покажувал какви било религиозни манифестации.

Конечно, останала омразата и страсниот порив да се сече човечко месо.

Ете, така, Џихади Џон за светските медиуми отсече неколку глави на новинари, туристи, шпиони, кој ќе го знае, што сè тие несреќници барале на овие територии под контролата на ИСИЛ. За неснимените перформанси тешко е да се каже што било, но, се претпоставува дека Џихади Џон многу практикувал, за снимените егзекуции што ќе се дистрибуираат по белосветските медиуми, да имаат стил. Да бидат доволно сугестивни.

Потоа, Путин ја испрати својата војска во Сирија, за да ги поништи џихадистите, кои страшно се засилија во последно време и станаа сериозен геополитички фактор.

Силата и стравотната ефикасност на руската авијација ужасно ги намали капацитетите на џихадистичката војска. За огромните жртви, што ИСИЛ ги претрпи, и да не говорам.

Одеднаш медиумите загубија интерес за Џихади Џон. Тоа грозморно плашило од пустината, повеќе немаше никаква функција. Дојде време тој да се тргне од сцената.

Логиката на тајните служби што се грижат за големата слика и кои господарат со лавиринтите на „сериозната игра“ е дека непотребните фигури треба секогаш педантно да се исчистат по употребата, инаку стануваат закана во секоја смисла, а најмногу по кредибилитетот на невидливите шефови.

Конечно, секоја дискредитација на некој значаен управувач во хиерархијата на моќта може да биде кобна по натамошниот развој на играта.

Тоа Џихади Џон не го знае експлицитно, но го насетува како животно кон кое тргнала потера од ловци и од пци.

Сега, самиот жртва на сопствената илузија, Џихади ги доживува најдраматичните моменти во својот, не толку интелигентен и креативен живот.

Последната вест за Џихади Џон дојде непосредно пред масакрот во Париз.

Веројатно, шефовите станале нервозни од состојбите на теренот и нивната ноторна немоќ да се соочат со реинкарнираната суперсила, под водството на Владимир Путин. Уште една фикција на екранот не би била сосема загубено време и пари. Дојде време да се потроши глупавиот егзибиционист, Џихади Џон, Арапинот од Лондон.

И така го убиле со дрон. Токму кога влегувал во сопствениот автомобил.

Каква прецизност, со дрон, а? Па овие Американците, навистина ги бива, а? Со дрон, велат, како мува.

Но, велат неговите поранешни шефови, а сегашни џелати, или, пак, се работи за фингирање, а можеби сето ова е само илузија, кој ќе го знае, но, велат, дека не се во целост сигурни, велат 99 проценти се сигурни, но постои тој еден процент дека не се сигурни.

Најверојатно се сосема несигурни, претпоставувам дека егзекутирале некој случаен човек, некој таксист, кој влегувал во своето возило, а кој физички личел на Џихади Џон.

Конечно, за неговите шефови, поранешни или сè уште сегашни, секој Арапин е ист.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top