Пред Вучиќ, на проблеми со странските служби се жалеа и турскиот претседател Ердоган, црногорскиот неприкосновен лидер Ѓукановиќ, претседателот на Република Српска, Мирослав Додиг, и неколку косовски лидери. Хрватските медиуми открија афера за прислушување на хрватскиот експремиер Санадер, во која акцијата се одвивала од стан во словенечкиот главен град, а претставници на државни контраразузнавачки организации беа дел и од македонската афера со прислушувањето.
Српскиот премиер е еден од ретките кој на толку транспарентен начин говореше за акциите што против него ги преземале засега неименувани служби. Александар Вучиќ тврди дека неговата борба за суверена Србија на многумина во странство не им се допаѓа.
„Разни странски служби ми ги одбројуваат деновите, станува збор за мојата глава, прават афери и шират разни приказни за тоа колку ми останало. А им пречи тоа што се борам за Србија и што само таа ми е важна, што го почитувам Уставот на кој се заколнав“, изјави Вучиќ за српските медиуми, за кои откри дека се работи за луѓе и за одделни странски служби кои се против позицијата на Србија која веќе не е вазална земја, а тој самиот има свое „јас“ и ги брани интересите на сопствениот народ. Според Вучиќ, чија анализа многу наликува на неколку анализи од српските соседи меѓу кои и Македонија, странските служби не сакаат да трпат силен лидер во една мала земја, која по нечии гледања мора многу работи да попушта и сега и во иднина.
„Затоа е подобро тоа да биде некој слабак, некој потрчко кој ќе може да го сменат кога сакаат и како во куклен театар да му ги менуваат позициите“, изјави Вучиќ, кој во текот на последнава година беше во официјална посета на САД каде што се сретна со потпретседателот Бајден, во Москва пред десетина дена се сретна со Медведев, а претходно имаше и средби со неколку европски лидери, чии тајни служби се „вообичаено осомничени“ за активности против него и против неговите колеги на Балканот.
Матрицата што ја раскажа Вучиќ може да се препознае во реакциите на сите балкански земји, без разлика дали се работи за „големата Турција“ или „за малата Македонија“. Во сите наведени примери има ситуации кои се слични или исти, а единствената разлика со Србија е тоа што таму владата на Вучиќ и на претседателот Николиќ сѐ уште не се соочува со насилни протести.
Дали, можеби, стравот од такво нешто го натера Вучиќ да им упати порака дека е подготвен за борба на сите што планираат слично сценарио? Сценаријата што се случија во Турција, Македонија, засега и во Црна Гора, на Вучиќ му даваат оптимизам дека може да се избори против активностите на моќните (не)пријатели.
И Москва не седи мирна
Дека со свои оперативци е присутна на Балканот од пред Втората светска војна, сведочат многу книги и документарни филмови, а во поново време најдобар доказ дека Кремљ успева да оствари влијание кај дел од земјите во регионот е едно барање на НАТО од 2014 година до Црна Гора. Тогашниот генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмунсен, од своите партнери во Подгорица побарал Мило Ѓукановиќ да отпушти од работа неколку припадници на тајната служба на Црна Гора кои имале соработка со земји што не се членки на НАТО. Ова барање е сѐ уште актуелно и е донесено на ниво на предуслов ако сака Црна Гора догодина да стане членка на Алијансата. Барањето, иако е завиткано во обланда наречена реформа на секторот за безбедност, сепак, јасно се однесува на соработката што дел од црногорските оперативци уште од времето на Југославија ја имаат со своите руски партнери со кои честопати дури учеле и во исти воени училишта.
Што вели блиската балканска историја
Поновата балканска историја покажува дека и во времето на авнојска Југославија и во времето на Милошевиќ, но и потоа, овој регион бил постојано свртувалиште на голем број странски служби. Дел од нив имале исклучиво економски цели, дел сакале преку своите инсталации да предизвикаат немири и со тоа полесно да наметнат политичко влијание, а некои едноставно биле присутни и активни со цел да им парираат на другите присутни служби. Инцидентот што се случи во септември 2007 година, во кој балканските медиуми го открија идентитетот на неколку британски оперативци, најдобро покажува што се крие под тепихот на добрите билатерални дипломатски односи меѓу навидум пријателските земји.
Британската тајна служба позната под името МИ6 во 2004 година најпрво беше приморана да го повлече шефот на својата канцеларија во Белград и двајца оперативци во Сараево. Подоцна, уште двајца разузнавачи од канцеларијата во Загреб беа приморани да заминат откако нивните имиња беа објавени во локалните медиуми. Со тоа заврши една ера на силно британско влијание на Балканот, кое, рака на срце, делумно имаше и позитивни резултати, затоа што без улогата на овие оперативци ќе беше невозможен крајот на режимот на Милошевиќ, фаќањето на Анте Готовина и разврската на косовската криза.
Според Џејмс Лион, тогашен директор на Меѓународната кризна група за Србија, шпионите на МИ6 „не работеле како дел од класична разузнавачка структура, туку повеќе како мрежа за влијание врз балканските безбедносни служби и медиуми“, нешто што е многу карактеристично и за сегашните односи меѓу странските служби и балканските држави и влади.
Во овој контекст многу е важно да се знае дека за секоја од националните тајни служби, иако нивните земји се членки на НАТО и на ЕУ, имаат свои интереси и свои цели. И покрај тоа што нивните шефови соработуваат на различни нивоа, состојбата на терен е сосема поинаква, секој од оперативците работи исклучиво за интересите на својата држава или во содејство со пријателските служби со кои земјите имаат заеднички интерес. Неретко, дури и оперативци на земји кои важат за исклучително блиски на политичко ниво имаат различни цели и методи на работа. Ова е особено присутно кога се работи за акции во кои цел се економски интереси или воена соработка. Приватизацијата на големи монополи или фирми како телекомите во сите земји на Балканот е речиси секогаш придружена со тајни или со полутајни операции кои не се исти како оние што сме ги гледале во времето на Студената војна во Берлин, но, сепак, тие имаат исти цели – влијание и остварување на интересите на големите земји.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 167. број на неделникот „Република“, 13.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.