Српскиот претседател Александар Вучиќ следниот петок на 13 април ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, на нејзина покана, вторпат во рок од месец и пол, потврдија од кабинетот на Вучиќ.
Веста за состанокот е потврдена и од Берлин, јави дописникот на МИА од Белград.
– Во рамки на заедничкиот ручек ќе бидат разгледани билатералните односи на двете земји, регионалните прашања, како и европските и економските теми, најави денеска заменик портпаролот на германската влада Урлике Демер.
Вучиќ и Меркел последен пат се сретнаа во Берлин на 27 февруари, исто така на нејзина покана, а претстојната средба ќе биде нивен 12 состанок.
– Станува збор за работна посета, за чие време предвидено е нивна средба, работен ручек и изјави за медиумите, прецизираа од кабинетот на српскиот претседател, од каде што додаваат дека овој состанок се смета како дел од редовните консултации на Вучиќ со влијателни личности од европската и светската сцена.
Во пресрет на состанокот со Меркел во февруари, Александар Вучиќ изјави дека сака од канцеларката да слушне како таа го гледа односот меѓу Белград и Приштина, севкупните регионални односи, но и да побара подршка за компромисно решение меѓу Србија и Косово.
– Неприфатливо е Србија да биде единствениот губитник во решавање на косовското прашање, изјави тогаш Вучиќ, укажувајќи и на германската канцеларка дека не постојат еднострани решенија и дека Србија е подготвена на компромис и секоја од страните по нешто да изгуби.
По состанокот Вучиќ констатираше дека Србија од Германија очекува подршка и ангажман во изнаоѓањето помош во сеопфатното решение со Косово, додека Меркел изјави дека таа нема да пропишува што треба да се случи по прашањето за Косовo, како и дека нема да дели совет, особено не преку медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.