Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој се наоѓа во посета на САД, на вчерашните средби во Конгресот доби пофални зборови за реформите, како и за стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Држави во областа на одбраната.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Јолевски оствари средби со конгресмените Мајк Роџерс, Роберт Витман, Бил Паскрел, Мајкл Конавеј, Трент Френкс, Џеф Милер и со сенаторот Џек Рид.
– Македонија треба да е со двете нозе во НАТО, рече конгресменот.
Паскрел и додаде дека она што го прави Македонија и македонските војници, покажува дека е достоен партнер на Соединетите Американски Држави.
И другите конгресмени се согласија со фактот дека Македонија, иако е мала земја, дава огромен придонес во мировните операции поддржани од НАТО во насока на одржување на мирот, стабилноста и безбедноста.
– Токму затоа и поради новите безбедносни промени во Европа, потребно е Македонија да биде дел од Алијансата. Се надевам дека некои земји ќе разберат дека сега се работи за безбедноста, што е најважно во овој момент, рече конгресменот Милер.
Министерот Јолевски, пак, истакна дека приемот на Македонија во НАТО ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во целиот регион и Европа.
Се осврна и на мигрантската криза и тероризмот.
– Сега сме исправени пред голем предизвик. Мигрантска криза и појавата на екстремисти на тлото на Европа јасно покажува дека потребно е да се работи заеднички со цел сузбивање на тероризмот, посочил Јолевски.
Сенаторот Рид, се наведува, рече дека не треба да се обесхрабруваат земјите да станат дел од НАТО, напротив, потребен е пример кој ќе покаже дека вратите на НАТО се отворени и за останатите што сакаат да се приклучат.
Во рамки на програмата од посетата на САД, министерот Јолевски синоќа во театарот Гринберг се заблагодари за несебичната поддршка на САД кон Македонија во изминативе години.
Тој го најави концертот на македонскиот врвен уметник, Влатко Стефановски во организација на Министерството за одбрана, посветен на Денот на благодарноста „Благодарност на Македонија кон граѓаните на Соединетите Американски Држави“, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.