| четврток, 6 декември 2018 |

Барање за нов рамковен договор и федерализација во декември

Мора да се направат уставни и законски измени за да се задржи „духот на Охридскиот рамковен договор“, се предвидува во препораките од анализата на договорот. Според овие препораки, се предвидува официјализирање на албанскиот јазик како втор службен јазик и издигнување на албанската заедница над другите, објавува порталот Мкд.мк.

aliahmeti_piterfejt-640x396_thumb_medium500_309

Треба да се пропише гарантирана комуникација на мајчиниот јазик за припадниците на албанската заедница со централните министерства независно од местото на живеење и неподложно на критериумот од „20% од населението на локално ниво“. И за „помалите“ заедници треба да се предвидат измени во Законот за јазиците со кои комуникацијата со подрачните единици министерства ќе се врзе со службеноста на јазикот во единицата на локалната самоуправа, отфрлајќи го критериумот „20% од населението на локално ниво“. На тој начин да се овозможи конзистентност во употребата на јазиците на „помалите заедници“ меѓу централното и локалното ниво.

Ова се дел од препораките во анализата изработена за 200.000 евра од страна на Европскиот институт за мир предводен од посредникот во конфликтот од 2001 година Питер Фејт. Договорот за оваа анализа го потпиша вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Муса Џафери.

Во декември годинава оваа анализа ќе биде и официјално презентирана.

Главна тема на оваа анализа беше Законот за јазиците. Се препорачуваат измени и во Уставот и во некои закони, кои главно се однесуваат на употребата на јазиците на заедниците.

На пример, една од препораките е за измени во членовите 29-30 од Законот за јазиците каде се предвидува „лично барање“ во процесот на издавање лични документи. Тој дел од одредбата треба да се избрише преку процес на законски измени.

За доследно спроведување на овие препорачани измени, за нивна реална примена се препорачува основање на преведувачки центри за потребите на локалните единици, стимулирање на образованието на поголем број преведувачи, основање на нова инспекциска служба за спроведување на Законот за јазиците, кампањи за предноста на повеќејазичноста…

Препораката за укинување на критериумот од 20% се базира на следново образложение: „ваквата формулација беше оспорувана од два аспекта: 1) дека нумеричкиот критериум од 20% имплицира дека службеноста на јазикот е условена и дека може да се укине (доколку критериумот не е остварен); 2) дека неименувањето на јазикот е „навредливо“ по идентитетот на албанската заедница во Македонија“.

Затоа, се вели во анализата, потребна е промена во ставот 2 од амандманот V кон член 7 во Уставот. Актуелното решение е следното (став 1 и став 2): „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“

Оваа препорака го предлага следното решение: „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Албанскиот јазик, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Вицепремиерот Џафери веќе две години најавуваше квалитативна анализа која треба да даде детален увид до каде е со децентрализацијата, правичната застапеност, недискриминацијата, употребата на јазиците, образованието и со застапеноста на помалите заедници и препораки како понатаму во реализацијата на документот. Од летово, Џафери рече дека таква анализа веќе се прави и ќе чини 200.000 евра. Одговорно лице за оваа анализа е американскиот дипломат Питер Фејт, еден од посредниците во конфликтот во Македонија од 2001 година.

Според Џафери, постои недостиг од волја за имплементирање на албанскиот јазик како втор службен јазик во Македонија и одговорноста за ова е кај сите. Тој смета дека прашањето за употреба на албанскиот јазик треба да се регулира со закон, како полесен механизам отколку промена на Уставот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top