
Колумнист: Горан Момироски
Пораката на Јоханес Хан, кој во Европската комисија е директно одговорен за проширувањето, според која ЕУ за Македонија има подготвен морков за мај, е најважниот податок во целиот пакет информации поврзани со годинешниот извештај. Според Хан, доколку сѐ оди како што треба, и Европската унија ќе мора да испорача нешто. Умерениот Австриец воопшто не е наивен политичар и дипломат, тој знае дека доколку до април бидат спроведени сите договорени прашања од патоказот, а нема причина тоа да не биде сторено како што се случи, на пример, во текот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН), Хан ќе биде под рафална стрелба од македонските медиуми.
Иако Хан не открива што е тоа што може да го испорача ЕУ, јасно е дека се работи за нешто што досега Македонија го немала. Хан знае дека добивање на уште една препорака за преговори не е доволно добар мотив ниту за македонската јавност, ниту за партиите, ниту за политичарите, иако ним и не им треба посебна мотивација за да ја внесат земјата во ЕУ. Тоа би можело да значи дека во Брисел на високо ниво се разговара или за добивање на датум за преговори кон крајот на 2016, па макар тој бил условен, или за некаква нова форма на преговори во рамките на Европската комисија по урнекот на ПДВН, каде што Грција нема да може да блокира.
И Хан се најде во небрано
И годинава, како и шест години претходно, Европската комисија се наоѓа во незавидна положба при оценувањето на Македонија. И Хан, како и неговите претходници Оли Рен и Штефан Филе, мака мачат како да најдат вистински реченици со кои ќе ја задоволат Македонија, ќе го спасат образот на Европската унија која е свесна дека преговорите не започнуваат само поради нерационалната позиција на нејзината членка Грција и во исто време, да не ја налутат Атина. Во Брисел на сите им е јасно дека Македонија уште пред две години требаше да започне преговори за членство и дека грчкото вето може да донесе ваков развој на настаните. Оттука, иако препораката е условена, ако се чита внимателно ќе се најдат многу елементи кои беа присутни и во минатите години, односно и покрај очекуваното влошување кај политичките критериуми или прашањата што се поврзани со прислушување, нема големи промени во оценките, дури напротив, описите на одредени процеси или политички критериуми се останати или се сменети кон подобро.
(Не)Мерливи и (Не)споредливи анализи
И покрај најавата на европската иницијатива за стабилност дека годинава годишните извештаи за земјите-кандидати ќе бидат направени по нова методологија, во извештајот за Македонија нема компоненти кои можат да ги споредат трендовите од минатите години ниту пак со резултатите што ги имаат другите земји-кандидати. Колку оваа препорака на ЕСИ е важна за извештајот покажува делот во кој се оценува нивото на невработеност. Европската комисија нема забелешка за начинот на кој е дојдено до цифрата од 28 отсто невработени што значи дека ги отфрлаат критиките кон владата дека таа наводно бришела граѓани од листата на невработени или дека тоа е резултат на масовно иселување што во ситуацијата е многу помалку важно. Поважно е што Европската комисија во својата анализа не наведува дека за една година има отворено нови работни места и дека во споредба со ситуацијата пред шест години, кога Македонија за прв пат доби препорака за преговори, невработеноста е намалена за огромни седум отсто и тоа во период на перманентна економска (финансиска) криза во светот и политичка криза во земјата. Во овој контекст добро би било да видиме каде се наоѓа Македонија во однос на Турција, Србија или на Црна Гора. Уште подобро би било да се споредиме со Бугарија и со Романија, кои сè уште се обвинуваат за сериозни недостатоци за истите работи за кои ѝ се забележува и на Македонија. За Македонија е штета што во форма во која се оценуваат земјите-кандидати не се оценуваат и земјите-членки. За нас, како и за сите други кандидати, би било интересно да се види како ЕК би ги оценила сецесионистичките трендови во Шпанија или дали Брисел би повикал на политички дијалог меѓу Мадрид и покраината Каталонија која се подготвува за напуштање на кралството. Интересен би бил и вокабуларот со кој Брисел би го оценил повлекувањето на хрватската влада од спроведување на законот за употреба на кирилицата во градови каде што има значителен број српско население. Или пак, да видиме дали барањата на британскиот премиер Камерон за изземање на Лондон од низа европски правила ќе биде крстено како „прекршување на основите на кои почива Унијата“ или пак, како недостаток на политичка волја да се работи во интерес на европските граѓани.
Извештајот од Брисел пристигна, сега го чекаме народниот извештај во април
Објективно, извештајот не е многу важен, но не само затоа што препораката е условена. Тој во април секако ќе биде повторно ревидиран и тогаш ќе ја добие вистинската тежина. Затоа за власта тој е само еден од механизмите со кои ќе се дојде до избори на кои ВМРО-ДПМНЕ очекува нова победа. За опозицијата тој е алатка со која ќе се обиде да докаже дека власта не работела добро во изминатава година, но реално, по долги јалови години со позитивни извештаи и со препораки, самиот документ не може да биде тешко оружје за на изборите. Затоа и премиерот Груевски порача дека по годишниот извештај за напредокот на земјата сега се чека најважниот извештај, а тоа е гласот на народот на изборите во април. И навистина, извештајот на народот на предвремените избори во април може да ја заврши политичката криза и да отвори нови поглавја во економијата, во меѓуетничките односи, во легислативата, но и нови поглавја од преговорите со ЕУ. Шансата е тука, сите заинтересирани мораат да ја искористат.
А доколку во наредниве шест месеци повторно бидеме сведоци на нови кризи и на сценарија какви што видовме многу во изминативе неколку години, на дел од политичката номенклатура ѝ се закануваат не само лоши оценки од Брисел, туку и пречкртување од сопствените граѓани, нешто што е многу потешко и потрагично од фразите на бриселските бирократи.
(Текст објавен во 167. број на неделникот Република, 13.11.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


