Како што видовме од нашето животно искуство, заборавот е најдобриот лек за сите видови болка. Но, воедно, овој чудесен иљач е страшно адиктивен, како најзаводливата стварност, како дрога, од која никако не можете да се откачите, а сте се обиделе безброј пати.
Но, зошто би се мачеле толку околу едно такво прашање, какво што е тоа за заборавот, кој е толку силен и, кон тоа, сеприсутен.
Одговорот е во неговата дијаболична амбивалентност, мислам на заборавот. Од една страна, тој ја решава целата грозотија на реалноста, ја брише од арената на постоењето, ја доведува до непостоење со својата стравотна игнорантност. А, сепак, со тоа ги анулира и сите тие моменти на егзалтација и триумф, ситуации на среќа и задоволство, сите тие искуства на неспоредлива радост.
Како тоа незаборавно пеење на владиката црногорски, Петар Петровиќ – Његош, кој во својот „Горски венец“ порача: „Уште никој чаша не испи, додека со чаша жолчка не ја загорчи, чашата жолч бара чаша мед, помешано најлесно се пијат“.
Овој романтичарски рецепт за избалансираната реалност е токму тоа што најмногу го интересира процесот на заборавање.
Всушност, ефектите на заборавот, колку и да се ослободувачки, го прават човека инертен и невнимателен, а токму таму демне и злодухот на искушенијата. Посебно во политиката, таа уметност на можното, која стана храм отпаднат од Бога во овие последни времиња.
И, така, без оглед на ужасните трауми и активни тегоби, ние како народ и држава не можеме да си го дозволиме луксузот на заборавот. Ние не можеме да му се препуштиме на овој фатален наркотик што уништува сè, сите лоши и болни нешта и нè претвора во зомбија, чијашто судбина станува едно, навидум, блажено исчезнување.
Но болките се премногу силни, за вакво страдание е потребен најсилниот морфиум, а тоа е, всушност, заборавот, инициран од екстерни хемиски средства, од цвеќето на злото, што би рекол Шарл Бодлер. Тоа би било едно рапидно продирање на заборавот во сите структури на системот што ја одржува свеста. А во овој култ на заборавање, во оваа идеолошка наркоманија, ние како на сила да сме втурнати или, можеби, изгонети од просторот што ни припаѓа по волјата на провидението, по фатумот на нашето битие, по правдата Божја и човечка, запишана во светите книги на мудрите набљудувачи.
Избрани, по принципите на збунетоста, индоктринирани од улични криминалци, фрлени на работ на подносливото, третирани како пци, деградирани под сите можни достоинства, достојни за заборав.
Ете, такви мизерници нè прави злото око на вообразените и самољубиви актери во големата игра. Тие, што мислат дека господарат со природните елементи, а, всушност, ја тормозат планетава со генерација-две понапредна технологија.
Вештите во банкарството и во лихварството, алчните крадци и убијци во афект. Судството им е забава и профит.
Но, и нив заборавот ги гризе, доаѓа тивко во ноќта и сосема незабележано влегува во нивната палата. Таму тивко рие како стаорец, правејќи дупки на шубето, на заборавот.
Ете, место да побегнеме во заборав, како што правиме илјада години, подобро е да се соочиме со ужасниот непријател при полна свест. Така добиваме поголеми шанси да се спасиме од ужасното ропство, во кое паднавме предавајќи ѝ се на вештината идиотска да забораваме.
Или тоа стравот што се коти во нашата свест за болните консеквенции од здраворазумското и од свесно дејствување, е стариот трик на постојаното губитништво, што е наш тегобен сопатник.
Потребно е да тргнеме од простата вистина за доброто и за злото, за правдата и за криминалот, да ја набљудуваме природата на ѕверот и на човека, и, конечно, да изградиме стратегии на нашата волја.
Без сомнение, непријателот е бучен и вооружен со огромен бес и омраза. Но зад нив стои само еден банален, конформистички сон, кој треба да создаде засолниште во кое саможивникот се обидува да најде спас од ужасната офанзивна моќ на заборавот, кој го изедначува со смртта и со непостоењето.
Затоа и толку врескање за револуцијата, за потребата од радикални промени во општествената хиерархија, и покрај јасно искажаната волја на гласачите при легално спроведените демократски избори.
Но, овој итар непријател, како маалски џепчија, не е толку романтичен и импулсивен колку што се претставува. Тој е само дел од едно комплексно сценарио, во кое љубителите на големиот профит го усовршуваат и надградуваат прастариот систем за уживање во страданијата човечки.
Секако, во тоа многу им помага заборавот, кон кој развиле систем на селективна резистенција. Да се помни страста по профитот, а да се игнорира одговорноста кон ближниот. Огромен дел од незадоволството се потиснува со тешкиот товар на богатството.
Ете, тоа е нивната лажна, подмолна и кукавичка револуција, но за профитот вреди да се биде ништожник. Тоа дури и им годи, посебно кога со здобиеното богатство ќе почнат да купуваат души, како Мефистофел. Всушност, со кого си, таков и си.
Но, да им се прости на овие мизерници, не значи и да се заборави на нивните злосторства. Можеби и не биле свесни кога дивееле таму, каде што требало да се покаже почит и деликатност. Веројатно некое ужасно незадоволство од нивното минато ги тера постојано да избиваат во првите редови на тие што искажуваат најголема желба за слава, профит и за моќ.
Сепак, амбициозноста е поднослива само кога има доблесност и морал. Тоа веднаш се забележува. Мудрите тоа го гледаат во ликот, искрените во постапките на владетелот.
Народот го избира својот владетел по способностите и праведноста. Владетелот ги управува народот и државата според волјата Божја. А Божјата волја станува историја.
Затоа треба да помниме кои сме, од каде доаѓаме и каде треба да одиме.
Инаку, заборавот повторно ќе завладее со нас и повторно ќе паднеме во ропството на злобните и одвратни изроди на постоењето.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.