| четврток, 6 декември 2018 |

Капетанот кој жртвуваше 304 патници за да се спаси себе си, доби доживотен затвор

Траектот „Севол“ превезуваше 476 патници кога на 16 април минатата година потона во близина на островот Џинго, во југозападниот дел на Јужна Кореја, при што од 304 загинати, 250 беа ученици на едно средно училиште.

Трагедијата ја шокираше и вознемири цела Јужна Кореја, бидејќи стана јасно дека до тоа дошло исклучиво поради човечки фактор, односно поради илегално редизајнирање на бродот, преполниот товарен простор, неискусен екипаж и несоодветен однос меѓу операторот на траектот и државните регулаторни органи.

Капетанот Ли Зун Сеок им оневозможил на патниците сами да го напуштат бродот со што тој прв избегал од него, пред да издаде наредба за „евакуација“ се наведува во пресудата на јужнокорејскиот Врховен суд.

– Тоа е исто како да ги турнал патниците во вода и да ги пуштил да се удават – истакна за време на пресудата судијата Јанг Сунг-Тае.

На првото судење кое се одржа пред една година, Ли, кој има 70 години беше ослободен од обвинението за убиство и прогласен за виновен за грубо невнимание.

Таа одлука е поништена во април по жалбата на тужителите, а капетанот наместо тоа е прогласен за виновен за убиство и осуден на доживотен затвор, што Врховниот суд денеска го потврди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top