Повторената препорака е доказ дека реформите во голема мера се исполнети, а тоа што овој пат е условена, е заслуга на СДСМ со однесувањето за време на политичката криза во која се најде земјата. Македонија доби нова, седма по ред препорака за почеток на преговорите за членство, и тоа е најважно, а деструктивното однесување на опозицијата ќе биде казнето на изборите, велат експертите за „Телеграф“.
Според нив, за секоја земја-кандидат за членство во извештајот може да се најдат и позитивни и негативни работи, но најважна е генералната оценка. За Македонија таа е дека земјата продолжува со реформите, во некои полиња е забележан помал напредок, некаде поголем.
Професорот Димитар Мирчев во изјава за „Телеграф“ вели дека извештајот на ЕК е позитивен, особено затоа што ја има и препораката за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Според него, малку е чуден текстот, затоа што има такви забелешки, сугестии и критики, што едноставно го тера Европскиот совет, кому му е наменет, да не ја прифати препораката.
– Да појаснам, „условена“ препорака, додека не се знае дали предлозите и забелешките се усвоени и остварени, значи одложување за најмалку една година. Тоа ја става земјата под посебен режим, за разлика од другите кандидатки. Тој вид извештаи и препораки излегува дефинитивно од правните рамки на односите РМ и ЕУ, според Спогодбата потпишана во 2001 г. Очигледно е дека, додека претходните извештаи и препораки беа сосем позитивни, се разбира со некои забелешки, а не се прифаќаа поради грчкото вето, оваа се враќа на внатрешна криза а такви или слични кризи имаат третина од членките на Унијата – смета Мирчев.
Тој додава дека однесувањето на ЕУ може во голема мера да ја намали довербата на граѓаните за членство во ЕУ.
– Извештајот и препораката, како што се формулирани, ми е страв дека значително ќе го намалат степенот на ентузијазам на граѓаните за влез во Унијата, а тоа не е добро за сиот процес на придружување. Но за тоа во Брисел не се води сметка. Впрочем, Македонија не е Британија па да си каже сѐ што мисли. На крај, бидејќи е очигледно дека ниту Македонија ниту соседите во следниот 5- годишен период нема да влезат во Унијата, без разлика на извештаите, време е малку да се релаксираме и да поведеме сметка за нашата политика на „отворени кон сите“ – додава професорот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
АВМУ со втор извештај: Медиумите неизбалансирани за референдумот, силно наклонети кон кампањата „За“
-
НБРМ:Стапката на реален раст на економијата минатата година изнесува 2,4 отсто
-
ФИФА 2016 година ја заврши со загуба од 369 милиони долари!
-
Бремените и хронично болните денеска и утре да не одат на работа