| четврток, 6 декември 2018 |

Бремените и хронично болните денеска и утре да не одат на работа

Бремените жени и хронично болните лица повозрасни од 60 години денеска и утре да бидат ослободени од работа,  а за работниците на отворено да се реорганизира работното време, поради екстремно ниската температура што може да биде ризична по здравјето на овие лица, препорача Министерството за здравство.

Државниот советник за здравствена заштита при Министерството за здравство Јованка Костовска на вчерашната прес-конференција на Управувачкиот комитет соопшти дека во согласност со податоците на УХМР се очекува осоговско-малешевскиот (Делчево, Виница, Берово) и полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Кичево) и денеска да бидат зафатени со температура од портокалова фаза и дека ниската температура ќе продолжи и утре.

– Овие податоци од овие два региона бидејќи минимално се разликуваат од податоците за другите региони во однос на температурата за еден, два до три степена, Министерство за здравство и Комисијата за превенција од студени бранови препорачува овие денови, почнувајќи од денеска, бидејќи е работен ден, и во вторник да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст со цел заштита на нивното здравје. Препораките се за целата територија, меѓутоа со посебен акцен на осоговско-малешевскиот и на полошкиот регион – рече Костовска.

За работниците, пак, што работат на отворено, додаде, треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напитоци за заштита на нивното здравје.

Според неа, голем проблем се и падовите и скршеници како последица на лизгавоста на улиците, поради што се препорачува внимателност на граѓаните за да не дојде до скршеници.

Од среда се очекува благ пораст на температурата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top