| четврток, 6 декември 2018 |

Се уредуваат депоата и историскиот оддел во Музејот на Македонија

Во Музејот на Македонија се уредуваат депоата во кои се чуваат артефактите што ги има оваа национална институција, а се уредува и постојаната поставка на историскиот оддел на Музејот каде што ќе бидат изложени 10 000 предмети.

muzej_na_makedonija_640_-2

– Целосно е завршен проектот за внатрешно уредување на депоата со услови кои ќе бидат важни за предметите што се наоѓаат таму. Се планира следната година да се реализира проект за климатско-термички услови во депоата со цел според највисоки стандарди да заврши втората фаза од уредувањето на депоата – изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска направи увид на проектите што се реализираат во Музејот на Македонија преку програмата на Министерството за култура.

Во однос на историскиот оддел, таа рече дека ќе се уредува и ќе се опреми по светски стандарди како што е направено со поставката за децата бегалци од егејскиот дел на Македонија, која е во рамките на овој оддел.

– Продолжуваме со целосно реконципирање и уредување на историската поставка во Музејот. Се работи за многу голема површина од околу 1.500 квадратни метри. Проектот е во завршна фаза. Се очекува до крајот на годинава да биде објавен тендер за изведувач кој ќе почне со целосно реновирање на историската поставка. Ќе има вредни историски наоди, се очекува над 10 000 предмети од сите периоди да бидат изложени во новата, реконципирана поставка. Со овој проект ќе се даде значителен белег во привлекување што поголем број туристи а, секако, и наши граѓани и ученици – додаде Канческа-Милевска.

Директорката на Музејот на Македонија Мирјана Нинчовска се заблагодари за тоа што Министерството за култура и Владата ги ставаат нивните проекти во приоритети за финансиска поддршка.

– Оваа година се уредени 610 квадратни метри (ѕидна и подна површина) од депоата на Музејот, демонтиран е дел од нефункционалниот ентериер. Тоа беше сложен и макотрпен процес на работа – рече Нинчовска, која им се заблагодари и на своите вработени за посветеноста во работата.

Министерката за култура ја посети и централната конзерваторска лабораторија во Музејот и посочи дека е важна научно-истражувачката работа во установата која, како што рече, поседува исклучителен кадар – стручни лица кои следејќи ги новите технологии работат на конзервација на различни материјали – дрво, метал, текстил… Во лабораторијата се прави конзервација на експонати од сите оддели на Музејот.

Раководителката Лилјана Ковачовска соопшти дека се во тек четири проекти: конзервација на средновековни икони и заштита на вратите од Слепчанскиот манастир (16 век) изработени во уникатна резба, конзервација на преспанскиот дрвен чун, исто така, уникатен предмет кој по заштитата ќе биде изложен во етнолошкиот оддел, од историската поставка се конзервираат пушки и други видови оружје од различни периоди.

– Четвртиот проект е истражувачки – за дефинирање и откривање нови методи за заштита на биоразградувачите во спомениците на културата и во други органски материјали, како дрво и текстил, кои се сместени во нашите музејски депоа – истакна Ковачовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top