Големото дерби во СЕХА лигата што се одигра попладнево во Унгарија меѓу актуелниот и поранешниот шампион Веспрем и Вардар заврши без победник 24-24.
Првпат по 2,5 години или вкупно 49.натпревари некој тим од Европа успеал да му откине бод на големиот Веспрем кој е минатогодишен финалист во Лигата на шампионите и еден од најсериозните кандидати оваа сезона да се заќити со европската титула.
Вардар одигра голем натпревар во Унгарија дури имаше шанса и да победи откако го имаше последниот напад за победа. Сепак во тоа не успеа, но сосема заслужено играчите на „црвено-црните“ ја напуштија „Веспрем арена“ со кренати глави.
Натпреварот во текот на целиот свој тек беше изедначен, а двата тима имаа најголема предност од три голови. Вардар тоа го стори кон средината на првото полувреме, додека домаќинот серијата во самиот финиш на првиот дел кога изедначи на 12-12 ја продолжи и на стартот во продолжение од мечот.
Сепак најреален исход од мечот е по бод за главните фавотити за освојување на СЕХА лигата оваа сезона, бидејќи ударот на Наѓ во последната минута го одбрани Милиќ, а Вардар не успеа на спротивната страна да постигне гол во последните моменти од мечот.
Голема улога имаше голманот на Веспрем Мирко Алиловиќ кој имаше важни одбрани во второто полувреме, на крај со вкупно 11, додека Страхиња Милиќ покажа дека може да го замени Арпад Штербик, остварувајќи девет одбрани. Кај стрелците се истакна Тимур Дибиров со седум гола, четири постигна Алекс Душебаев, додека прв стрелец беше Ласло Наѓ со осум гола.
Ова е прво реми за Вардар оваа година во СЕХА, со кое му го расипа стопроцентниот ефект на Веспрем. И двата тима имаат по 19 бода, на втората и на третата позиција, но Веспрем седум, а Вардар девет одиграни меча.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.