Кандидатот на коалицијата Мост, која постигна изненадувачки успех на парламентарните избори во Хрватска, Драго Пргомет, кој гостуваше во емисијата Директ на РТЛ порача дека новата власт нема да може да се оформи без Мост, како и дека тие ќе го предложат новиот мандатар.
– Подготвени сме да влеземе во извршната власт. Факт е дека кога учествувавме на изборите, не размислувавме за толку голема поддршка, а таа поддршка беше јасна. Луѓето сакаат промени, морате да бидете дел од оние, кои тие промени сакаат да ги спроведат, а тоа е извршната власт. Од друга страна доколку добро ја читавте изјавата на господинот Петров, тој јасно вели дека ние нема да коалицираме со партии, кои не сакаат да ја прифатат нашата програма за промени, кои и се потребни на Хрватска – додаде тој.
Според него интересно е тоа што дури во текот на изборната ноќ двете водечки политички партии почнале да зборуваат за реформи и промени.
– Го почитуваме легитимитетот и на едната и на другата партија, но за новиот мандатар одлучува Мост, а тоа нема да биде ниту Карамарко, ниту Милановиќ. Ќе сториме се за дијалогот да помине и да не дојде до нови избори – рече Пргомет.
Тој не сакаше да открие со кого е поблизок, но сепак уште еднаш призна дека контактите со двете страни постојат.
Според досега преброените над 99 отсто од гласачките ливчиња „Татковинската коалиција“, предводена од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), освои 59 пратенички места, пред изборниот блок „Хрватска расте“ на владејачката Социјалдемократска партија (СДП) со 56 мандати.
Места во Саборот освоија и независната листа МОСТ – 19 мандати, блокот на Истарскиот демократски сабор (ИДС) – три, Хрватскиот демократски сојуз на Славонија и Барање (ХДССБ) на Бранимир Главаш и Коалицијата на трудот и солидарноста на Милан Бандиќ по два и партијата „Жив Ѕид“ и коалицијата „Успешна Хрватска“ на Радимир Чачиќ и Иво Јосиповиќ по еден партеник.
Преостанатите осум мандати, спред Уставот, им припаѓаат на претставниците на малцинствата во Хрватска, од кои три доби Независната српска демократска партија (ССДС), а од останатите пет места најмалку три освоија членови на партиите од коалицијата „Хрватска расте“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



