КОНЦЕПТИ И КОНТЕКСТИ
Градењето уметнички стратегии во името на некој политичко – социјален ангажман (активистички хуманизам) е стапицата за уметноста на нашето време. Тоа е систем кој ја експлоатира силата на уметноста во идеолошко – политички цели, а мотивот за оваа страотна деформација на културно – уметничките процеси, како и секогаш лежи во профитната мотивација (впрочем ништо не се променило откако е воспоставен древниот систем на порамнување на вредноста уште од старите Вавилон и Египет.
Толпи артизани групирани во разни непрофитно (профитни) псевдоадминистративни организации јуришаат кон „умовите“ и „срцата“ на целните групи (масите), со сите можни изговори за „ментална“ колонизација, за идеологизација на геостратегиските интереси на спонзорот! А најсилното алиби за нивната инфилтрација во зоните на интерес е токму – уметноста. Во комбинација со строго исфилтрираните принципи и контроли што врз „маркетот“ ги воспоставува глобалистичката плутократија, просторот за спонтано и слободно евоулирање на уметничкиот процес е крајно стеснет.
Денес уметничките творци кои држат до естетските принципи втемелени во онтолошката слобода на уметноста се во изолација. Масивната пропаганда и сеопштата позиционираност на култур–комесарите во служба на плутократската олигархија ги руши обидите на уметничката сцена да наметне поинаква естетска идеологија, освен онаа што заговара реализација на глобалните интереси на тоталниот монополарен квази – либералистички империјализам.
Под маската на културата и уметноста се остваруваат концепти за деструкција на одредени пунктови на антиглобалистичкиот отпор, а најатакувани зони во оваа историска борба на „идеите“ од страна на вешто прикриените фалангисти на глобалистичкиот колонијализам се токму обидите за создавање на автентично културно уметничко миље, кое би генерирало подлабок аналитички и критички однос кон глобалните и локалните состојби и процеси во културата и уметноста.
Овие глобалистички процеси се вперени и кон културните столбови на националната држава – бастионот на конзервативизмот и традиционализмот, кој всушност е и крајната цел на оваа културно-општествена деконструкција конципирана од главните стратези на мондијализмот. Како што слободната уметничка сцена секогаш била независна од државните институции и незаинтересирана за главните задачи на државата: заштитата и промоцијата на културното наследство како во конзерваторски, така и во продуктивен смисол (реставрација, национални проекти, историски споменици) така и оваа потенцијална спона на взаемен интерес базирана на заедничкиот непријател останува неостварлива или делумно (само декларативно) остварлива.
Пред појавата на глобализациската мрежа на култур–комесарите предводени од плутократските соц–дизајнери – таканаречените господари на историјата, (слободната уметничка сцена се соочуваше со репресивните механизми на државата) а спротивставените страни имаа јасно дефинирани позиции. Но денес состојбите се многу посложени.
Силите на глобализмот вешто се инфилтрираа во државниот систем заземајќи високи позиции во државниот апарат преку своите партиски спонзори финансирани од страна на мондијалистичките могули. Но тие исти сили слегоа и во андерграундот, и внесувајќи мала финансиска „живост“ добро се позиционираа на некои круцијални места вршејќи глобализациско влијание.
Така во оваа илузионистичка игра преполна со трикови и корупција и безброј фингирани и планирани ексцеси (во кој обилно се користи културно – уметничкото алиби) во фокусот се „човековите права“ како механизам за ескалација на потенцијалните конфликти кои секако се најполезниот механизам за спроведување на мондијалистичките стратегии. Во оваа махинација евидентна е злоупотребата на слободната уметничка сцена, но и на државата. Ако случајно во власта преовладуваат корумпираните политички сили од страна на глобалистите, тогаш се маргинализира и разорува (преку корупција или насилство) слободната уметничка сцена. Ако пак на власт дојде антиглобалистичка политичка опција која е загрижена за националната култура и традиционалните вредности, тогаш глобалистичките агенти од влијание почнуваат со своето револуционерно мотивирање на слободната уметничка сцена вперено кон „тоталитарниот режим“ на власт. Керозинот за веќе потпалените огнови на необолшевичките егзалтации секогаш се парите што мондијалистите здушно им ги делат на своите барјактари – идеолози и револуционери – „борци за човекови права“. (продолжува*)
*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.