Праизведбата на балетското дело „Александар Трети Македонски“ ќе се одржи вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет. Балетот е работен по музика на најпродуктивниот македонски композитор на дела за балет, Љубомир Бранѓолица, и е нова премиерна продукција на МОБ. Либретото е на Бранѓолица и на Роналд Савковиќ од Хрватска.
Балетската претстава ќе биде изведена под диригентско водство на маестро Борјан Цанев. Главната улога на Александар ќе ја толкува првенецот Васил Чичијашвили од Грузија. Првенката Александра Мијалкова ќе ја толкува Роксана, Ивана Коцевска – Олимпија, првенецот Бобан Ковачевски – Хефестион, Трајче Стојковски – Дариј, а Драган Кочоски – улогата на Филип Втори. Со нив ќе настапат и балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ.
„Александар Трети Македонски“ е балет во два чина, кој почнува со интересот на композиторот за животот на еден голем крал на Македонија и мотивот да се опее животот на македонскиот војсководец. Кореографијата му е доверена на Хрватот Савковиќ, кој вели дека во поставката посветил поголемо внимание на наративната приказна и визуелната естетика на претставата, односно на македонската традиција.
Зоран Костовски е автор на сценографијата, создадена да биде прифатлива во денешно време, а, сепак, автентична на 4 век пред новата ера.
Костимографот Александар Ношпал направи костими со елементи од класичниот, античкиот и македонскиот етнографски костим, редизајнирани на современ начин за да се доближат до тоа што го бара кореографијата.
Со балетот се затвораат Деновите на македонската музика. Репризата е закажана за в среда, во 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


