| четврток, 6 декември 2018 |

Шест компании ги користат можностите од програмата „Еразмус плус“

еразмус

Шест македонски компании веќе ги користат можностите што ги нуди програмата „Еразмус плус“ на Европската унија. За нивните потреби од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност се доделени околу 450 илјади евра.

Со програмата се опфатени над 70 лица од кои дел се вработени во компаниите, а дел се невработени и се доквалификуваат. Генерално најмногу бенефитите од програмата ги користат компании од земјоделството, но и компаниите од ИКТ секторот.

– Проектите најмногу се насочени кон индивидуалните мобилности односно мобилностите за тренинзи на вработените или на соработници од странство, но исто така има и проекти кои се поголеми и посериозни и вклучуваат развој на определени интелектуални аутпути како што се прирачници за полесно пронаоѓање на работа, односно компании кои работат со невработени лица со цел да им овозможат полесно да најдат работа – изјави Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пред денешната презентација на програмата „Еразмус плус“ во Стопанската комора на Македонија.

Според Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија, компаниите треба да ги искористат бенефитите што им ги нуди програмата бидејќи тоа за нив значи можност повеќе за едуцирање и доедуцирање на нивните вработени.

– Интересот на компаниите за вклучување во програмите што ги нуди Европската унија постепено се зголемува. Се надеваме дека со овие информативни денови кои ги спроведува Агенцијата и на кои како Стопанска комора на Република Македонија даваме особена поддршка ќе биде поголем интересот на приватниот сектор и ќе биде искористена можноста што им се нуди – истакна Аризанковска.

Како дел од програмата денеска пред компаниите ќе биде презентирана и можноста за примање на странски практиканти.

Програмата „Еразмус плус“ на Европската унија се имплементира од јануари 2014 година, а во неа како програмска земја учествува и Македонија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top