Кога ќе дојде криза, без оглед дали се работи за личност или држава, еден од главните придружници на оваа невротична состојба е хаосот. Тоа е хаос од информации што во целиот свој галиматијас создава крајно конфузни визии, кои протагонистите најчесто ги воведуваат во неизбежна параноја.
Секако, ваквите состојби се неподносливи и секој ентитет што заталкал во оваа џунгла на хоророт бара начин што поскоро да излезе од овој злокобен лавиринт. Но тоа не е толку едноставно, посебно кога немате јасна претстава, а како и би ја имале, кога целата ваша практична реалност е во страшна криза, која константно продуцира сè поголем и поголем хаос.
Всушност, за да почнете со процесот на извлекување од несреќната положба, во која евентуално сте се нашле по силата на лошата судбина, потребно е да ја согледате ситуацијата логично, со прилично објективна мисла и да ја разјасните вашата реална позиција, а кон тоа и да ги откриете главните генератори на хаосот. И, конечно, од оваа позиција да почнете со градењето стратегии за излез од грозната димензија.
Но, ова не е толку лесна задача, ако ги земете предвид сите фактори што ги нарушуваат вашето отрезнување и процени.
Кога зборуваме за кризи од поголеми магнитуди, како што се геостратегиските тектонски поместувања што ги имаме во моментот на планетарно ниво, а кои во последно време се особено силно изразени на Блискиот Исток, каде што се конфронтираа интересите на најголемите светски сили, во сè поизразениот повеќеполарен свет, недостигот од валидни и проверени информации создава голем хаос кај луѓето, кои посредно или непосредно ги чувствуваат разорните судири на векторските сили на главните геостратегиски играчи на планетава.
И, така, во највиталните тенденции да се експлицира хаосот што завладеал со егзистенцијата и со светогледот на засегнатите суштества и организации, недостигот од официјални објаснувања за настанатите состојби создава најчудесни и најневеројатни интерпретации, кои веднаш стануваат отфрлено информациско ѓубре, кое завршува во контејнерот на таканаречената „теорија на конспирацијата“.
Но, скромно би констатирал дека официјалните и авторитарни средства за информирање, посебно тие со западни сертификати од типот на НАТО и на ЕУ, излажаа и сè уште лажат толку многу, што, едноставно, кој било здраворазумски тип на човечко суштество не може и не смее да им верува.
Старата арапска мудрост вели: „Ако ме прелажеш еднаш, нека ти е срам, но ако ме прелажеш по вторпат, нека ми е срам“. А, што се однесува до светскиот аудиториум, слободно можам да констатирам дека највлијателните западни информативни медиуми нè прелажале по илјада пати. Што би кажале арапските мудреци на овој факт? Се надевам, не би ни предложиле самоубиство со експлозив врзан околу половината, кој би се активирал на јавно место со многу посетители.
Затоа сите други алтернативни претпоставки и тези, секогаш поврзани со „теоријата на конспирацијата“, доаѓаат до израз како единствени, сè уште неприменети експликации врз необјаснивата кризна ситуација.
Но, што е најинтересно, тие често даваат совршено јасни претстави.
Тогаш, зошто по автоматизам се одбиваат сите неофицијални и алтернативни објаснувања за необјаснивите и крајно небулозни состојби, како што е таа што е поврзана со Исламската држава и тајната поддршка што ја добива од одредени разузнувачки служби?
Но, тоа добро го знаат протагонистите од другата страна, тие сили што решително застанаа во одбрана на легалниот режим на Башар Ал Асад во Сирија.
И, кога претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, по малку наивно, како дете, но со нескриена иронија, ќе се праша на глас – „Зошто Американците на ги споделуваат нивните разузнувачки информации поврзани со Исламската држава – дали поради тоа што немаат информации или поради тоа што нешто кријат?“ – всушност, тој не сака да ја искаже вистината што ја знае во речиси сите детали, а која веднаш ќе биде класификувана во „теоријата на конспирацијата“, а потоа би почнал процесот на компромитација на јавната сцена на неговата личност и позиција, кога си дозволува да изнесува стории од инкриминираната и дезавуирана „конспиративна теорија“, според која, наводно, САД ја обучува и поддржува „Исламската држава“, исто како што правеше на времето со Ал Каеда на Осама бин Ладен.
Истите тие медиуми, кои безобразно лажеа за руското бомбардирање на териториите во Сирија под контрола на ИСИЛ, каде што еден час пред почетокот на акцијата на руските воздухопловни сили лиферуваа снимки од пострадани при бомбардирања од некои други акции, а им ги припишуваа на руските бомбардери.
Веројатно истите механизми беа во спрега и при уривањето на кулите-близначки во Њујорк, но машинеријата за лажна реалност, што го движи информативното милје на Западот, веднаш, секоја информација што не е во согласност со нивната кретенска верзија на настаните, ја класификуваа како дел од „теоријата на конспирацијата“ и веднаш ја девалвираат без каква било анализа и логика.
Значи, доволно е само нешто да се поврзе со „теоријата на конспирацијата“ и тоа веднаш да биде дискредитирано кај „сериозните“ промислувачи на реалноста.
Но, без оглед на овој идиотски механизам на дискриминирање на вистината, со инфантилно инкриминирање со веќе анатемизираната „теорија на конспирацијата“ од страна на корумпираните западни медиуми, вистината ќе ја пробие оваа решетка на лажното информирање и тогаш сите овие тигри од хартија ќе се појават како гротескни плашила на стварноста.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.