Светскиот здравствен самит реши дека моделот за едукација на македонскиот неврохирург Венко Филипче е најсоодветен за употреба во земјите во развој. Овој модел во име на групата лекари – лидери на меѓуакадемскиот медицински панел на самитот го презентираше македонскиот претставник д-р. Венко Филипче во германското Министерство за надворешни работи, каде што се одржа Светскиот здравствен самит.
Самитот, кој е под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и првиот човек на Европската комисија Жан Клод Јункер, е најпроминентен светски форум за адресирање глобални здравствени теми.
На самитот учествуваа претставници од националните академии за наука, политички претставници што работат на здравствени теми, невладини организации активни на полето на медицината и на здравствената заштита, претставници на компании и други учесници што дебатираат и донесуваат заклучоци за борба против најакутните здравствени предизвици. Годинава централни теми на кои работи СЗС беа климатските промени и здравството, глобалната здравствена политика и владината политика во најбогатите земји на светот, здравото стареење и превенцијата, дигиталното здравје, научната вредност на основната здравствена заштита.
Моделот предложен од македонскиот лекар Филипче од Клиниката за Неврохирургија при Универзитетскиот клинички центар во Скопје, кој е прифатен како најдобар за едукација на лекари, ќе биде применуван како дел од здравствените едукативни системи во десетици земји што ги следат препораките и заклучоците на Светскиот здравствен самит.
На светскиот здравствен самит во Берлин, Германија Вашиот модел за едукација беше прифатен како најсоодветен за употреба во земјите во развој. Објаснете ни за каков модел станува збор?
ФИЛИПЧЕ: На самитот што се одржа во федералното Министерство за надворешни работи на Германија во Берлин, присуствував како дел од програмата за млади научници. Таму се разговараше за подобрување на пристапот кон соодветна едукација на младите лекари што живеат во земјите во развој. Имено, многу млади лекари во светот немаат можност да се едуцираат соодветно во својата струка, а тоа е причина да ја напуштат својата земја или да се недоволно обучени, што ги прави неподготвени кога ќе се соочат со клиничката работа. Дополнително, недостига и истражувачка работа што претставува поле во кое се проверуваат многу нови методи или процедури. Според познатиот патолог Рудолф Вирцхоњ, нов метода се применува на пациентите дури откако ќе се произведе успешен експеримент.
Во кои земји ќе се употребува?
ФИЛИПЧЕ: Анализата и концепцијата се однесуваше, пред сѐ, на земјите на африканскиот континент, кои се соочуваат со најмалку ресурси за научно-истражувачка и апликативна дејност во медицината. Вниманието кон овие земји во последните неколку години е повеќекратно зголемено во смисла на поддршка со опрема, материјали и лекови, како и соодветна обука на младите лекари.
Дали тој модел на едукација е применлив и во Македонија?
ФИЛИПЧЕ: Предложениот концепт за едукација е компатибилен само за наведените земји.
Предлагате континуирана едукација на младите, истражувачка дејност и здравствен менаџмент на секое ниво. Колку е тоа возможно и кај нас?
ФИЛИПЧЕ: Континуираната едукација е клуч за напредокот во медицината. Новитетите потекнуваат од научно-истражувачката работа, а потоа најголем предизвик е нивната транслација во клиничката работа односно примената на новитетите кај пациентите. Менаџментот стана составен дел од нашата работа и само со соодветна едукација или обука успешно се соочуваме со предизвиците на секое ниво.
За што друго се разговараше на Светскиот здравствен самит во Берлин? Кои беа темите? Кои земји учествуваа?
ФИЛИПЧЕ: Освен за едукацијата, актуелно беше соочувањето со бегалската криза, сумирање на резултатите од начинот на кој се реши проблемот со еболата, глобална здравствена политика, здраво стареење, дигитално здравство, развој на агенда за по 2015 година, проблемот со отпорноста на антибиотици и климатските промени. На самитот присуствуваа учесници од 60-ина земји од светот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.