Министерот за здравство д-р Венко Филипче смета дека во Македонија има капацитет и здравствениот систем што сега функционира на работ на издржување, да се трансформира во европски модерен здравствен капацитет.
– Имаме капацитет човечки, имаме знаења за тоа што ни недостасува, спремни сме да се надоградиме. Еден од клучните проекти ќе биде надградувањето на електронскиот систем, кој што сега постои во форма на „МојТермин“ како систем за закажување на термини без хартија и за закажување на најразлични испитувања, снимања и така натаму. Во светот постои и т.н. electronic health record system, којшто е систем во кој што електронски за секој пациент се собираат сите податоци од нивната медицинска историја и тие податоци се достапни во било која здравствена институција пациентот да се најде. Може одредени податоци да отвори докторот, може други податоци да отвори медицинската сестра или било кој друг кој што официјално и легално има пристап до тој електронски систем – рече денеска Филипче на првата средба со новинарите откако беше назначен за министер за здравство.
Според него, целта е да се подобри квалитетот на здравствената услуга, но и да се формира еден интегриран здравствен систем.
– Има 114 здравствени институции јавни, може да замислите има над 20 книговодствени електронски системи и без никаква комуникација помеѓу сите тие здравствени институции. Како еден пластичен пример, доколку некој лек недостасува во некоја болница, на пример во Гевгелија, и тие одат да распишат тендер за таа количина да се набави во болницата во Тетово или Куманово, може има огромна количина од тој лек и ние воопшто немаме увид дека е тоа така. Сакаме да формираме еден интегриран здравствен систем во кој што ќе има контрола и на потрошувачката и на вистинските потреби – вели Филипче.
Министерот најави дека ќе биде сменето и времетрањето на прегледот, кое ќе биде договорено со директорите на клиниките и институциите, затоа што секоја струка е специфична.
– За некоја струка треба преглед 15 минути, за некоја 20 минути, и ќе инсистираме доколку може уште во моментов, доколку не, клиниките да си испланираат луѓе кои што ќе ги примат и ќе бидат административни помошници на докторите, за докторот да се фокусира само на прегледот на пациентот – рече Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.