Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, денес најави дека две компании од Италија и од Турција ќе инвестираат во индустриската зона „Жабени“.
На денешната традиционална прес-конференција што се одржува во пресрет на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, Талески освен за новите инвеститори информираше за реализираните проекти во изминатата година, како и за новите проекти кои ќе бидат реализирани со поддршка на Владата на Република Македонија.
– Италијанската компанија е од сферата на прехранбената индустрија и нивната инвестиција е врзана со откуп и со преработка на овошје и зеленчук. Во првата фаза се очекува директно вработување на околу 100 лица, но и индиректна поволност за сите производители на овошје и на зеленчук кои со нiвното доаѓање во Битола ќе имаат гаранции за откуп на родот. Турската компанија се занимава со производство на алатки за земјоделски машини и механизација – потврди Талески.
Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, истакна дека паралелно продолжуваат инвестициските активности во поранешната касарна во која се очекува во иднина да живеат околу 5.000 жители.
– Освен локални, како општина реализираме и проекти кои се од национално значење за што имаме владина поддршка како што е реконструкцијата на железничката пруга до грчката граница за што се обезбедени 20 милиони евра. На наше барање се гради и железнички крак кој ќе води до зоната „Жабени“, а во градот целосно ќе се обнови железничката станица. Како локална самоуправа будно го очекуваме проектот за топлификација на градот кој на почетокот од следната година ќе започне со примарната, а потоа и со секундарната топловодна мрежа – нагласи Талески.
Празнувањето на Денот на ослободувањето на Битола продолжува вечер и утре за кога е закажана свечена академија и на која градоначалникот Владимир Талески ќе ги врачи највисоките општински награди и признанија.
Годинешен добитник на наградата за животно дело е академик Георги Здравев, а наградени за постигнувања во професијата се Димитар Најдов, актерот Петар Горко, спортистот Борис Неделков и КУД „Илинден“-Битола кое годинава слави 60 години од формирањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



