
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент попладнево на својата редовна седница во европскиот законодавен дом во Брисел ќе гласа за резолуцијата за Република Македонија.
Известувачот за нашата земја од ЕП, Ричард Ховит, се очекува да ги претстави споените амадмани од вкупно 203-те поднесени на последната седница на АФЕТ и Европскиот парламент да го даде своето мислење во однос на последниот извештај на Европската комисија за Македонија од октомври минатата година.
– ЕП ќе се справи со овој извештај во позитивна и конструктивна рамка и јас сум сигурен дека така ќе биде – вели Ховит, кој додаде и дека придавката „македонски“ ќе биде употребена еднаш, а пред неколку дена на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ посочи дека Европскиот парламент во резолуцијата за нашата земја ќе побара и итен почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Откако Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе ја усвои резолуцијата на Македонија, се очекува таа месецов да биде одобрена и на пленарна седница на Европскиот парламент, по што ќе биде комплетирано ова во правна смисла мислење на европскиот законодавен дом за европската перспектива на земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


