
Колумнист: Горан Момироски
Една од тезите со кои дел од актуелните политички гарнитури сакаат да добијат поени во јавноста, е ветувањето дека Денот на македонската револуционерна борба има само времен карактер. Според нив, тој ќе биде празник само додека владее ВМРО – ДПМНЕ, која со воведување на овој ден како државен празник сакаше да ја одбележи македонската револуционерна организација во Солун.
Од оваа позиција интересно ќе биде да се види кој е тој што ќе сака да ги поништи сеќавањата за 23 октомври 1893 година, кога во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун шестмина млади луѓе ги поставиле темелите на македонската борба за сопствена држава. Ќе биде интересно да се види како од сегашна дневнопартиска позиција по кратка постапка ќе им се суди на д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Но, тие што сега само испраќаат пораки дека ќе го поништат овој важен дел од македонската историја, мора да знаат дека формирањето на конспиративна група наречена Македонски револуционерен комитет за денешните Македонци има најмалку иста важност како и Илинден во 1903 година, АСНОМ и Илинден во 1991 година.
Без оглед на различните историски толкувања и информации за личните и за колективните ставови на членовите на Организацијата, не смее да се дозволи поради актуелни политичко-партиски препукувања, повторно да се носат судови и да се судат луѓе кои функционирале во драматични услови, во отсуство на каква било институционална логистика, вооружени само со идејата за слободна Македонија, честопати со огромни разлики за тоа како да се дојде до неа.
Тие што сакаат да ги избришат од реалноста дел од основачите и иницијаторите на организираното македонско револуционерно движење мора да ги познаваат во детали тогашните услови за политичка или револуционерна борба за да можат да донесат суд за нивната работа или за тоа каде водела таа. Заканите дека Денот на револуционерната борба по наредната смена на власта ќе биде само обичен ден на кој ќе се оди на работа, ќе биде доказ дека тие што се закануваат немаат познавање ниту за состојбите во 1893 година, ниту за состојбите и ставовите на најголем број Македонци денес.
Најголемиот аргумент на тие што тврдат дека празникот треба да се укине е тоа што тој беше инициран од ВМРО – ДПМНЕ и дека владејачката партија го наметнува својот партиски празник за државен. Да бевме нормална држава, ваков празник ќе беше предложен уште во времето на некоја од владите на СДСМ, со што сега ќе беше избегната дебатата, која, иако не е на многу јавно ниво, се води меѓу припадниците на различни политички групи во земјава. На тој начин ќе се спречеше тивкиот бојкот што постои на централно и на локално ниво за настани кои се организираат во чест на Денот на револуционерната борба. А замислете што би се случило доколку некој го бојкотира Денот на востанието на македонскиот народ само затоа што со него се слави акција на млади комунисти, кои за дел од поекстремните македонски националисти се сметаат за сатрапи на македонскиот народ.
(Текст објавен во 164. број на неделникот Република, 23.10.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


