Инвентивноста, знаењето/умеењето, искреноста и непристрасноста се реалитетите на кои се темели релевантноста. Да се биде релевантен во која било сфера, активност, не зависи само од сопствените желби или потреби. Релевантноста се гради, надградува, заслужува; ја дефинираат некои други, отстрана. Така е и во професионалниот и политичкиот живот, на поединци, групации, политички партии. Самодефинирањето на заслужност за ова или она добро, е непримерна, но и неприфатлива работа/манир за мнозинството фактори, проценители …
Во моменталниот политичко-опозициски хаос во земјава, на наметнати политички договори кои целат кон минимизирање, или поточно, незаконско и противуставно заобиколување на легалните државни институции – како недозволив преседан, опозициските намери се поддржани од неколкумина амбасадори на странски држави во земјава… (за некои од нив Р. Македонија е – оваа земја, вашата земја…). Арбитрираат во една суверена држава, со впечаток дека “дипломатски” заземаат страна; заедно со медијаторот определен од ЕУ. За волја на вистината, впечаток е, исто така, дека официјалниот медијатор, после многубројните забелешки од македонската политичка и граѓанска јавност, ја ублажи својата заканувачка реторика во однос на партијата на власт и државата; но тука се амбасадорите, нели… Нè заплашуваат со можноста за одземање на препораката за отворање преговори со ЕУ?! (Ја пак има епилог од повеќекратните /ЕУ/ препораки досега?!)
Она што македонската јавност (секако и актуелната партија на власт) не може да го „голтне”, е инсистирањето на дипломативе (и СДСМ) на работи, кои нашиот Устав едноставно не ги препознава… Наместо исполнување технички работи (според „Пржино”), се бара, од опозицијата поставените („технички”) функционери да ја преземат целосната функција на еден легитимно, според законите избран – функционер. Нонсенс! Јасно е – нивната функција би морала да биде онаа реалната; со своите активности да придонесат за lege artis изведување на изборите во 2016 година, кои би биле прифатени и признаени, и дома и надвор; (така велат и нашиве надворешни дипломати). Во таа насока мора да работат сите – и позиција и опозиција! Само барања и заложби (искрени!) во таа насока, би биле прифатени од сите како единствено исправни и реални, од политички и секаков друг аспект! Сè друго ќе биде доживеано (веќе се доживува од мнозинството македонски граѓани и избирачи) како наметнување на незаконитост и обезвреднување на државниот законодавен и правен систем во РМ. Оттаму, актерите што ЕУ ги вклучи во преговорите во Р. Македонија мора јасно да покажат дека договорот од Пржино не предвидува (ниту може да биде во таква функција), суспендирање на легалната власт и институции во Република Македонија.
Нереално е некој да очекува, дека функционери (министри, заменици) кои би биле предложени во одредени министерства (според „Пржино”), може да ги преземат функциите на еден функционер – избран според уставот и законите на Р.Македонија. Особено не, во ситуацијава со мигрантската криза. Потенцијално, многу сериозни ситуации може ја загрозат (дестабилизираат) државата, што би наметнало потреба од нивно решавање; се разбира, со итервенција на легалните институции во земјата; функција, како уставна обврска, на легално избрана Влада (и нејзини функционери), која положила ЗАКЛЕТВА врз база на народната волја – да ги брани интересите на својата држава. Значи. На актуелните предизвици за зачувување на безбедноста на државата (извесно е да бидат уште поизразени со тек на времето) може да одговорат легитимни служби – а, не ad hoc поставени функционери според наметнати политички договори или преговори, кои, реално може да предизвикаат дезорганизација на значајни управувачки сегменти во државата…
Во време кога и самата ЕУ се судрува со сериозни безбедносни /и секакви други/ предизвици, токму заради големиот мигрантски прилив, на Унијата не и е потребен дополнителен проблем: политички тензии во земја-кандидат за членство. Медијаторството (Договорите од 2 јуни и 15 јули) преземено од ЕУ е со добра намера, но очекувано е, сето тоа да биде во рамките на демократските принципи, и со респект кон македонската држава и народ.
Во животот (општествен, политички), барањата/желбите на одредени субјекти и правната реалност, најчесто не се поклопуваат; тоа го покажува практиката, а најдобро го знаат познавачите на правото. СДСМ настапува со своето уверување дека ја има поддршката на граѓаните, си се смета за победник на идните избори; вербално. Минат труд како гаранција за граѓаните – за жал немаат. Сметаат на ефектот од прислушувачките „бомби”. (Ја игнорираат нелегалноста на истите, селективно ги „активираат”, игнорирајќи ги оние што се однесуваат на нив, самите; никако да испукаат некоја таква „бомба”; па, нели власта прислушувала… а, ја „заобиколила” опозицијата?!)
СДСМ прави сè, преку формирање на Техничка влада, под свои услови, на нелегален начин да се здобие со власт во државата… Желби и очекувања… А, реалноста – сепак е поинаква! Се знае како се доаѓа на власт – преку избори, и доверба, признаена од страна на народот! Сè друго е фарса!
Во актуелниот политички момент, во услови на многубројни прашалници за и околу реализацијата на политичкиот Договор од Пржино, на сите политички случувања во државава, како експлозија одекнаа резултатите од истражувањето на јавното мислење (29 јуни – 5 јули 2015) во Македонија по многу прашања, спроведено од „Брима галуп“; (агенцијата, со реноме базирано на долгата традиција на потврдена релевантност на нејзините анкети). Според податоците од анкетата, предноста на ВМРО-ДПМНЕ е двојно или тројно поголема во однос на СДСМ, по различни прашања. Фрапантна разлика, со оглед на опозициското дејствување и нивните „бомби”.
Според резултатите, неприкосновена е и позицијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер – Никола Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ:СДСМ
поддршка од граѓаните – 53,9%:25,5%; очекување за победа на престојните изборите – 43,2%:19,9%; доверба од граѓаните -Никола Груевски – 21,4%, Зоран Заев – 7,9%.
Според „Брима галуп“, ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе убедлива победа над СДСМ во 2016 година!
Голема предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ за многу важни прашања во државата покажа и истражувањето (на барање на „Република”) на Институтот за Политички Истражувања од Скопје – ИПИС; (ИПИС, исто така има потврдена релевантност /непристрасност!/ на своите истражувачки податоци за јавното мислење во Македонија. (Некои, во оваа сфера, „успеаја” да си ја разнишаат релевантноста… минатата година…).
Резултатите на „Брима галуп“ и на ИПИС, се одраз на расположението во Македонија, базирано на довербата, на народот во Република Македонија. Само така може да бидат сфатени, зашто потврдата е испорачана повеќе пати досега. И на 18 мај, оваа година!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.