„Да ти е.у кал“, е реакцијата на еден од гледачите во Кратово, кој со пцост ја коментираше утката на играчот на Силекс, Велинов, против Напредок, на вчерашниот меч од 24. коло во Првата македонска фудбалска лига. Всушност, Велинов воопшто и не е виновен, тој си погоди, но калта го спречи водството на кратовци. Погледнете ги условите за игра, на терен што повеќе личи на ораница отколку на фудбалско игралиште. За жал, тоа е честа слика во нашиот фудбал. Мечот заврши без голови, со 4 црвени картони, катастрофални услови за игра и промашен пенал за Силекс.
Во Штип, шампионот Вардар ги продолжи бледите игри и повторно не победи, а овојпат Брегалница стигна до еден бод, по ремито 1-1. И кога не се победува, сите се виновни или барем така мисли Никола Илиевски-Џиџи.
Тренерот на Вардар сега ги обвини судиите за ремито на првакот, велејќи дека тие се виновни за удолницата по која тргнал домашниот фудбал. Претходно, вината беше кај играчите, сега кај судиите, па следниот пат би требало Џиџи да се подразбуди од сонот и да провери да не е вината кај него. Што поскоро, тоа подобро. Оти како тргнал Вардар со сегашниот тренер, ќе си замине титулата.
И за крај, за тетовското дерби меѓу Тетекс и Шкендија. Македонскиот фудбал прави чуда, па и тоа веќе не е дерби на Тетово иако двете екипи се оттаму. Тетекс одамна како домаќин игра во Скопје, вчера победи со 2-1, а можно е да остане во главниот град и кога ќе истече суспензијата од 6 натпревари без публика. Од тоа стравуваат навивачите на „текстилците“, со логично образложение. Зошто Тетекс игра во Скопје кога не е суспендиран теренот во Тетово, туку казната за клубот е да се игра без публика?
И таа е заработена заради инцидент, при настап во скопската населба Ѓорче Петров, а не на градскиот стадион во Тетово. Ќе се врати ли воопшто Тетекс во местото каде што е формиран пред точно 60 години?
Или, јубилејот ќе го прослави како тазе скопски клуб, формиран во 1953 година во Тетово?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.