Поранешниот француски претседател Никола Саркози и претседателот на УЕФА, Мишел Платини се директни виновници што Катар, а не САД, ја доби организацијата на Светското фудбалско првенство во 2022 година, тврди суспендираниот прв човек на ФИФА, Сеп Блатер.
Според Блатер, како шѕо објави францускиот весник „Фигаро“, било договорено САД да ја добие организацијата, но во последен момент двајцата Французи ја смениле тактиката.
– Во 2010 година разговаравме за светските првенства и донесовме две одлуки, во 2018 година домаќин да биде Русија, бидејќи никогаш немало Светско првенство во источна Европа, а во 2022 година Мундијалот да се врати во Америка. Така ќе имавме Светски првенства во двете најмоќни земји во светот. Се беше во ред до моментот кога тогашниот француски претседател Никола Саркози не се сретна со катарскиот принц. Веднаш потоа на ручек, Платини ми рече дека би било добро Светското првенство да оди во Катар. И тогаш се се промени. При гласањето, четирите европски гласа отидоа кај Катар наместо кај САД и резултатот беше 14-8. Да немаше промени, ќе беше 12-10 за САД и никој сега не би зборувал за проблемите во ФИФА, изјави Блатер.
Доделувањето на организацијата на СП во 2022 година на Катар беше причина за истрага на американските власти во ФИФА, по што на површина излегоа и други криминални активности на светската куќа на фудбалот, а Блатер ја загуби челната позиција во Федерацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.