| четврток, 6 декември 2018 |

Панчев жали за три работи

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња откри зошто клупскиот фудбал во земјите од поранешна Југославија е на толку ниско ниво

Во последното интервју кое го даде за хрватскиот неделник “Мах”, легендарниот репрезентативец на Македонија, Дарко Панчев, откри дека во 1988 година бил на чекор од преселба во редовите на Динамо од Загреб, но на крајот ја прифатил понудата на Црвена звезда.

Панчев во сезоната 1987/1988 година, беше најголема желба на таканаречената “голема четворка” од Југославија, но на крајот ја прифати понудата на Црвена звезда, чии дрес го носеше до 1992 година.

Како напаѓач на “црвено-белите”, Панчев освои три шампионски титули, Купот на Југославија, Купот на европски шампиони и Интерконтиненталниот куп.

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња откри зошто клупскиот фудбал во земјите од поранешна Југославија е на толку ниско ниво.

Финансиите не беа толку големи и во нашето време. Тоа значи дека вината мора да се побара на друго место. Според мене, падот на квалитетот се должи на фактот дека не постои заедничка лига, каде фудбалерите со тек на време ќе бидат се подобри и подобри, изјави Панчев.

Поранешниот репрезентативец на Македонија откри дека од фудбалската гледна точка, жали за три работи.

Првата работа е распадот на Југославија. Црвена звезда поради таа причина пропушти шанса и во следните две, три години, повторно да го освои Купот на шампиони. Втората е дека со распаѓањето, исчезна и фудбалската репрезентација на Југославија, која во следните неколку ЕП или СП, сигурно ќе освоеше некоја медала. Таа репрезентација ќе беше составена од генерацијата која настапи во Чиле, како и од фудбалери кои беа дел од мојата генерација. Третата работа е тоа што згрешив со изборот на мојот следен клуб. Се скарав со клубот и предвреме ја завршив мојата фудбалска кариера. Убеден сум дека Југославија ќе освоеше некое ЕП или СП, изјави Панчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top