Македонија го стабилизира производството на тутун. Количините се намалуваат со тенденција да се задржат на околу 25.000 тони, а квалитетот се зголемува, оцени денеска Стопанската комора на Македонија.
Како што рече на прес-конференција Васко Ристовски од Комората, стабилно и квалитетно производство е во интерес и на производителите и на откупните компании.
За претстојната реколта се склучени 28.454 договори за откуп што е 6.000 или околу 20 проценти помалку во однос на претходната 2014/2015 година коа беа потпишани 34.500. Во 2013-та, пак, биле склучени 42.367 договори за откуп.
– Евидентно е намалувањето на површините и на производството, но се очекува добар квалитет, а со тоа и цена. Производство на квалитетен тутун е крајна цел и на производителите и на откупувачите, во спротивно ќе губат и едни и други – нагласи Ристовски.
Првпат се случува, додаде, откупувачите да го намалат бројот на склучени договори за производство. Ваквата состојба ја оправдуваат со намалената побарувачка на ориентални типови тутун.
Кај тутунот и тутунските производи статистиката генерално бележи намалување и на извозот, за 14 отсто, и на увозот, за 30 проценти. Расте само увозот на цигарите, од 266 тони во 2004-та на скоро 1.800 тони во 2014 година, а се зголемува и цената, од 6,6 долари за килограм тутунски производи во 1998 година на 13,7 долари лани.
Вкупно остварените финансиски резултати од извозот лани беа 146,2 милиони долари што е намалување од 35 отсто во однос на 2013-та кога беше реализиран извоз од 180 милиони долари.
Согласно податоците од тутунските претпријатија, во 2014/2015 беа насеани 14.030 хектари или 17 отсто помалку од 2013/2014 кога имаше 19.806 хекатри. Динамиката на откупот соодветно на производството, бележеше намалување за 22 отсто во однос на 2013-та, со евидентен пад на просечната откупна цена.
– Со просечно постигнатата цена од околу 117 денари, за откуп на целото ланско производство од 24.857 килограми, беа потребни 2,9 милијарди денари или 48 милиони евра- посочи Ристовски.
Откупната цена на тутунот беше приближно иста, 118 денари за килограм, во 2006 година. Највисока беше во 2009 година, 191 денар, како и во 2012-та, 180 денари, додека во 2013 година изнесуваше 152 денара.
Годинава најмногу се откупуваше тутун од типот „прилеп“, 20.964 тони, потоа „јака“, 3.754 тони, и „басмак“, 147 тони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.