Дополнително масло на оганот во големиот пожар во Челси долеа и новиот пораз од Вест Хем во лондонското дерби и секако црвениот картон на менаџерот Жозе Мурињо кој може да заработи дополнителна суспензија и дури од една година.
По се изгледа како што пренесуваат англиските медиуми, Мурињо ја работи последната недела на клупата на Челси, а сопственикот, рускиот тајкун Роман Абрамович ги разгледува опциите за негов наследник.
Иако токму Абрамович беше најгласен во подршката на Мурињо на состанокот на бордот на директори пред неколку седмици, сепак очигледно прекипело лончето и сака по секоја цена да доведе нов менаџер во тимот.
Како што информира весникот „Дејли мејл“, изборот на рускиот милијардер е меѓу двајца поранешни менаџери на клубот, Гус Хидинк и Карло Анчелоти. Не е тајна дека Абрамович сонува во клубот да го доведе Пеп Гвардиола, но тоа би можело да се случи дури следното лето, па токму затоа Хидинк делува како подобра варијанта за „сините“. Тој пред неколку сезони исто така „влета“ како привремено решение за Челси и го освои ФА Купот со овој клуб, по што пријателски се раздели со Абрамович, оставајќи простор за нова соработка.
Анчелоти има освоено шампионска титула со Челси и рускиот газда ќе се обиде да го врати, но Италијанецот е споменуван како сигурен наследник на Гвардиола во Баерн Минхен, а згора на тоа и во неколку наврати напомена дека не планира да му се врасти на фудбалот до крајот на оваа година.
Интересно ќе биде да се види каков е изборот на првиот човек на Челси, но едно е јасно – Мурињо ги брои последните денови на „Стемфорд бриџ“. Последната надеж за да остане на клупата е победата над Ливерпул во следното коло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.