Секако се сеќавате на Јаго – ликот од шекспировата драма „Отело“, кој со сите тие итри, подмолни и хушкачки средства е главниот агенс во трагичните настани, при кои изманипулираниот и посесивен владетел Отело ќе биде внесен во грозморното убиство на сопствената сопруга Дездемона, за која, според клеветите на исфрустрираниот и злонамерен Јаго, Отело добива претстава дека е недостојна и неверна жена и, понесен од демонската игра на манипулаторот, влегува во крајно неразумен и манијакален тип на завршница.
Генијот на Шекспир, така прониклив и опитен во познавањето на човековата душа, преку оваа силна драма остави една претстава која стана модел за одредени животни премрежија и состојба на специфичните карактери, исполнети со импулсивност и инертност, кон тоа податни за манипулација на завидливите персони.
Но, без сомнение, иако од позадина, ликот на Јаго избива како главен фактор на трагичните настани и, како таков, е круцијалниот конспиративен ентитет во драмата.
Со овие параметри и релации во литературната конструкција на шекспировата драма „Отело“, еднo од најзначајните негови дела, Јаго се издига до метафора на злобата човечка. Подоцна, оваа метафора на ништожноста и клеветништвото, персонифицирана во ликот на Јаго, ќе се вдоми во разните видови вокабулари, во кои овој феномен ќе завземе значајна референтна позиција за означување на конспиративните стратегии со деструктивни тенденции.
Затоа, без и малку оградување и каење, некои од западните дипломати во Република Македонија можеме да ги споредиме со ликот на Јаго. За да не бидам неправеден кон невините и доблесни дипломати кои искрено ја сакаат и ценат Македонија, нејзиниот народ и култура, а кои доаѓале и доаѓаат од најразлични страни на светот, па така и од западните земји, ќе се оградам на оние неколку западни дипломати кои во моментов дејствуваат во нашата земја и кои беа главниот агенс на злобата, деструкцијата и клеветништово, што ја иницира оваа глупава и, пред сè, виртуелна криза која нашата држава ја стави во крајно незавидна позиција и која во дадени периоди опасно го поткопа мирот и спокојството на нејзините граѓани.
Но, за разлика од импулсивниот и неконтролибилен Отело, нашиот курентен владетел покажа огромна способност за расудување, трпение и тактичност, со што умешно ја спаси земјата од сигурен конфликт и штети на секој план, со несогледливи последици.
Но и покрај овој, навидум среќен епилог, сепак, опасноста како само делумно да е отклонета. Овие неколку Јаговци кои ги запознавме преку медиумите за јавно информирање, а кои веднаш ги покажаа своите непријатни и лажливи физиономии, штом нештата почнаа да се отклонуваат од вешто им проектираните планови за пропаста на Македонија, нема да застанат со своите конспиративни дејствија, сè додека Провидението не им застане на патот.
А тоа ќе се случи порано или подоцна со стопроцентна сигурност.
И, тогаш, ќе ја видиме во потполност нивната нискост, недостоинство и мизерија.
Како и да е, со една физиогномaтска анализа на нивните грди и злобни ликови, веднаш го добивате портретот на Јаго, мал исфрустриран злобен стаорец, кој се храни од трошките на моќта на својот величествен, но заблуден господар. И тој, во целата негова лажна субмисивност, исполнета со пеколна завист плете мрежи на пропаста, компензирајќи ја својата маргинализираност и небитност во структурите на моќта.
Така, и овие искомплексирани индивидуи, лоши и одвратни претставници на своите општества брзо се разоткриваат и стануваат локални парадигми за сите оние недоличности и поганости кои се накотија во светот во последниве децении, откако по волјата на Провидението им беше дадена моќта да управуваат со судбините на луѓето од државите, врз кои нивната бездушна хегемонија доби власт.
Но, не за долго. Тоа што е дадено, може да биде и одземено кога неделата на возгордеаните протагонисти на секуларната моќ ќе ја преполнат чашата на трпението на праведноста.
Тоа фалгрантно се забележува на глобалната геополитичка сцена, каде полека, но сигурно веќе им е одземена харизмата и, чинам, огромен дел од човештвото што ја населува оваа планета, нема повеќе никаков респект за овие пропаднати авторитети на западната цивилизација, духовно и морално еродирана, силувана и манипулирана од монструозни карактери, без визија за доброто и убавото и алчни за моќ и профит, полни со реваншизам и злоба, посебно во последниов период, кога и најфанатичните поклоници на култот на западната предоминација гледаат, дека нивниот пат кон пропаста е силно и децидно трасиран од најрелевантните сили на Вселената, од самото Провидение, конечно.
И, наместо овие грди и гротескни ликови да се отрезнат од своето злодејание и длабински да се покајат, тие како да добија уште пожесток пламен на омразата во своите пропаднати и корумпирани души и фатија со уште поголема жестина да конспирираат и хушкаат, веќе отворено заканувајќи му се на македонскиот народ и на легитимно избраната власт.
А јас ќе им порачам за крај – готови сте. Вашата подмолност и злоба е повеќе за жалење, отколку за страв во овие времиња на разоткривање на вашите недела.
Со вашата игноранција и глупост воопшто не сфаќате со што си играте. Казната ќе ви биде страшна и сурова.
Кога пеколот ќе ги проголта вашите погани души, конечно ќе сфатите какви злодела, всушност, сте правеле и колку нечовечност сте емитирале во вашите ареали на влијание.
Можеби камшикот на нечестивиот кој во рацете на вашите демонски господари силно удира по животинските ви грбови и вашите дејанија ги обусловува со страшни и болни закани, сепак, вашата мизерна и бессловесна послушност станува инструментариум за општото ширење на злобната деструкција, а вие сте, секако, еден значаен дел од тој нечовечен систем.
И затоа ве чека страшната казна, која ќе го разнебити вашето царство, а вас ќе ве фрли во пеколот.
А нам ќе ни остане да се молиме за вашиот спас.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.