На 22 октомври во 18,30 часот, Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија ќе биде домаќин и организатор на изложбата “Неспокој-Спокој” од Коле Манев. Изложбата ќе ја отвори директорот на Центарот Васко Шутаров а делата на познатиот македонски ликовен уметник, ќе можат да бидат видени од публиката во Софија до 13 ноември. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.
-Преку скриените погледи, разголените тела, потемнети и натопени со горчина во душите, ликовите на Коле Манев ги упатуваат своите силни и предупредувачки пораки. Авторот вешто ја разгатнува душата на страдалниците, со предупредувачки, би рекле и застрашувачки глетки , ќе рече Раде Силјан.
Коле Манев е роден на 11 ноември 1941 година. Во 1956 година се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, по завршувањето на истото во 1960 година го положува приемниот испит при Ликовната академија во Белград. По завршувањето на првиот степен од Ликовната академија во Белград се враќа во Скопје и се вработува во Македонската телевизија каде како режисер својата дејност ја насочува кон анимираните и документарните емисии. Во 1967 година заминува за Париз и ги прави првите професионални обиди за сликање и изучување на ликовниот занает. Во 1972 година се враќа во Македонија и го реализира документарниот филм „Баскарските извори“ со кој на ТВ фестивалот во Блед, Словенија, ја добива првата награда. 1976 го понудува на „Вардар филм“ сценариото за долгометражниот документарен филм „Тулгеш“. Наредната година, филмот „Тулгеш“ на Мартовскиот фестивал за документарен филм во Белград ја добива наградата „Гранд при“ за режија и за најдобро сценарио. Во 1979 година го снима материјалот за документарниот филм „Дае“ по сценарио на Анте Поповски. Неколку години потоа за потребите на „Вардар филм“ го реализира краткиот игран филм „Црно во црно“. Во 1982 година заминува на тромесечен престој во Австралија каде реализира три документарни емисии за потребите на Македонската телевизија. Од 1984 година, како самостоен уметник, интензивно му се посветува на сликарството со чести патувања во Париз каде ги реализира првите самостојни изложби. За својата ликовна активност добива многу награди, како наградата „Нерешки мајстори“, четворократен добитник е на наградата „Мал-формат“ како и наградите за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“ и наградата на ликовната манифестација во Цетиње, Црна Гора. Во 2006 година, од страна на владата, односно од Министерството за култура на Република Франција е прогласен за „Почесен витез од областа на културата и творештвото“. Член е на ликовната асоцијација „ДЛУМ“ од 1974 година. Има реализирано преку дваесет самостојни изложби и учесник е на многубројни групни изложби. Живее и работи во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.