| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „Мандала“ на Соња Чингарова – Фотева во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје утре (21 октомври, среда) ќе се отвори изложбата со наслов „Мандала“ на авторката Соња Чингарова – Фотева.

Соња е родена во 1959 година во Велес, во 1978 матурира во гимназија „Р. Ј. Корчагин“ во Скопје а во 1984 година дипломира Историја на уметност и археологија на Филозофски факултет, Скопје. Од 1991 година сликарството станува нејзина определба. Низ сите овие години, фокус на нејзиниот интерес, проучување и уметничка инспирација се различните културни наследства и филозофии. Сето тоа го преточува во своите сликарски и поетски дела. Иако нејзиното сликарство и поезија се засебни подрачја на нејзината уметничка експресија, тие преставуваат органско единство. Има објавено три поетски книги и реализирани 10 самостојни изложби во земјата и странство.

На изложбата со наслов „Мандала“ ќе бидат презентирани 30-ина  дела работени во маслена техника.

-Мандала е слика на круг и на квадрат. Таа е динамичка претстава на односот помеѓу трансцедентно, вечното, боженственото, кон кое човекот природно тежнее, и земното, временско, материјално, во кое се наоѓа сега.  Кругот e моќен симбол на заштита. Кругот е еден од најстарите и најважните основни и универзални сакрални симболи. Кругот е симбол на небото и претставува целовитост, сеопфатност, склад, вечност. Кругот нема почеток и нема крај, симбол на бесконечност. Квадрат. Тоа е рамностран правоаголен  четвороаголник, симбол на замјата и се што е земно. Поим за хармонија, убавина, стабилност, севкупност, неподвижност, трајност…Алхемиското претварање на кругот во квадрат со еднаква површина е совршено единство на измирени спротивности. Сакрална геометрија. Мандалата води во духовното искачување, врзувајќи ги цврсто телото и душата. Мандалата се јавува во сите култури, од предисторијата до денес; насекаде во светот. Таа е розетата на готичките катедрали, украсот на зидовите и олтарите на тибетанските самостани,  орнаментите во мермерните михраби, лавиринтот на палатата во Кносос, основата на равенската Сан Витале и охридските крстилници, кинеската багуа…Езотеричниот цртеж „квадрат во круг“, всушност, претставува геометриска проекција на светот, или структурално единство на микро и макро космосот. Карактеристики на мандалата се хармонија и симетрија, мерка и пропорција. Мандалата е целина што се шири од нејзиното средиште, од центарот кој е најчесто претставен со точка што го означува тоталитетот. Точката е апсолутното ништо и единство на се, почеток и извор на постоењето на сите светови. Мандалата е обединувачки симбол на центарот, средината и периферијата. Мандала е објект за медитација. Таа го јакне внатрешното битие и внесува во медитациски длабочини, вдахнува ведрина, чувсто за смисла и ред. Гледањето во  мандала е пресликување на нејзината суштина во нас. Мандалата го поттикнува, усмерува и коригира духовното растење на личноста, а воедно претставува крајна и никогаш во целост достиглива цел на индивидуација. Мандалата со својата складна конфигурација на спротивности ги спојува патувањето со неговата цел, внатрешното и надворешното, кругот и правоаголникот, средиштето и периферијата, небото и земјата, различноста и единството на се во универзумот, вели авторката во каталогот за изложбата.

За творештвото на Соња Чингарова – Фотева, на изложбата ќе говори проф. д-р Ана Димишкова.

 

 

 

  

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top