Бугарскиот писател Захари Карабашлиев гостува на „Букстар“, првиот фестивал на европската литература во Македонија, соопштија од издавачката куќа „Антолог“. На 22 октомври 2015 година (четврток), со почеток во 20 часот, во Галеријата во Mладинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде промовиран неговиот роман „18 проценти сиво“ издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го овозможи Душко Крстевски. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
Романот е бестселер во Бугарија со вкупно 22 изданија и е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2008 година. Во анонимна анкета на телевизијата ББС е избран меѓу стоте најомилени книги на бугарските читатели. Во Скопје ќе го промовираат литературните критичарки и универзитетски професорки Ангелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, ќе читаат самиот автор и актерката Арна Шијак.
Писателот Захари Карабашлиев е познат бугарски прозаист и драмски автор, а пишува и филмски сценарија. Неговите драми се играни во Европа и во Америка. Делата му се преведени на речиси сите европски јазици. Од 2014 година, тој е главен уредник на најголемата издавачка куќа во Бугарија, „Сиела“. Освен писател, овој автор е и режисер и фотограф, па тие негови афинитети се забележуваат и во неговите дела, особено во романот „18 проценти сиво“. Член е на бугарскиот ПЕН-центар.
Овој роман, напишан од перспективата на еден Бугарин што го живее едноличниот американски сон, се одликува со динамичен и хумористичен јазик. Главниот лик Зак, потресен од ненадејното исчезнување на неговата сопруга Стела, се обидува да ја удави тагата во Мексико, а потоа се враќа во САД со украдена марихуана. Користејќи го ова како повод да го смени својот живот, тргнува кон Њујорк со „ганџата“ и со стар „никон“. Низ објективот на фотоапаратот, почнува да се открива себеси, фотографирајќи ја темната страна на Америка. Неговото патување води низ серија настани опасни за животот, прошарани со сеќавањата на неговиот однос со Стела и со животот во Бугарија од крајот на осумдесеттите години на 20 век.
Наскоро претстои и филмската верзија на романот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.