Стотици социјално загрозени семејства во Словачка ќе имаат можност да одат на бесплатен одмор во рекреативните објекти, кои се во сопственост на државата, јави дописникот на „МИА“ од Прага.
Според најавите, државата ќе ги надоместува трошоците за полн пансион за родителите и нивните деца во шест рекреативни објекти во сопственост на Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, кои долго време не биле користени.
Објектите се наоѓаат во атрактивни локалитети во словачките бањи и планински места.
– Се работи за рекреативни патувања за сиромашните семејства од 4 до 7 дена. За овие потреби се резервирани вкупно 12.000 преноќувања во рекреативните објекти – изјави за словачките медиуми, портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Андреа Добиашова.
Услов за доделување на бесплатната рекреација е семеен приход што не ја надминува вредноста на 1.5 минимална плата, односно приход не поголем од 640 евра по семејство.
Вториот услов е децата да одат редовно на училиште и да немаат неоправдани отсуства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.