Апсолутниот господар на тениските терени оваа сезона и најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ воопшто не попушта во играта и сосема заслужено славеше во финалето на Мастерс турнирот во Шангај над Французинот Жо Вилфред Цонга со 2-0 (6-2, 6-4) во сетови.
Тој успеа да го порази противникот за 1:19 часа игра, и покажа зошто е еден од најголемите тенисери во историјата.
По пауза од една година и освојувањето на титулите во 2012 и 2013, популарниот „Ноле“ дополнително ќе го зголеми бодовното салдо во однос на конкурентите на најновата АТП листа в понеделник.
Слично како и на патот до финалето, Ѓоковиќ без поголеми проблеми славеше над Цонга.
Во првиот сет Цонга успеа при резутат 5-1 да го освои својот прв сервис-гем, за потоа Ѓоковиќ рутински го затвори сетот.
Во вториот гледавме далеку по израмнета борба. При резултат 4-4 и кога играта на Французинот се подобруваше, направи неколку грешки на свој сервис, а тоа го искористи Србинот и рутински го приведе мечот до крај.
До крајот на сезоната остануваат уште два турнира, Мастерсот во Париз, и завршниот турнир од оваа серија во Лондон.
Според играта која ја покажува Ѓоковиќ без спомнение е многу блиску до одбрана на титулите и на овие два турнира и супериорно затварање на сезоната со само пет порази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.