Повторно се разоткриени лагите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со кои се обиде да ја манипулира јавноста по средбата со израелскиот министер за внатрешни работи.
По вчерашната реакција од Израел дека се работело само за куса куртоазна средба со лидерот на опозицијата, и не било разговарано за никакви безбедносни или финансиски прашања, како што тврдеше Заев, експертите сметаат дека целта на Заев е да ги наруши односите помеѓу Македонија и Израел.
– Во време на неговата, како што самиот крајно неодговорно ја нарече, бомбашка кампања, Заев се обиде драматично да ги наруши односите меѓу Македонија и неколку наши стратегиски партнери, како Кина и Израел, вели новинарот Цветин Чилиманов кој важи добар познавач за состојбите во дипломатските кругови.
-Првин Кина, а сега и Израел, јасно порачаа дека немало никаков криминал во крајно чувствителните проекти за соработка кои овие земји ги имаат со Македонија, а кои Заев на неверојатно неодговорен начин лажно ги претставуваше во јавноста. Заев јавно откри и се обиде лажно да претстави детали за безбедносната соработка на Македонија и Израел, во период кога двете земји се соочуваат со исклучително сериозни безбедносни закани, и тоа без никаква реална цел – единствено за своја лична политичка себепромоција, вели Чилиманов.
Според него, обидот на Заев да продолжи со промовирање на лажните приказни кои ги монтира врз основа на илегално прибавените снимки со посетата на Израел покажуваат дека ништо не научил во изминатиов период, во кој и македонската јавност, преку анкетите и масовните граѓански собири, јасно му покажа што мисли за неговата кампања за дестабилизирање на Македонија.
– По вчерашната изјава од Израел дека Заев бил во обична куртоазна посета, на која не се разговарало за никакви безбедносни или финансиски прашања, која е директно спротивна на изјавата на Заев, да се употребам со неговиот детски неодговорен речник, оваа бомба буквално му пукна во рака, вели Чилиманов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.