Првиот и вториот носител на мастерс-турнирот во Шангај, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј се пласираа во четвртфиналето.
Првиот светски тениски рекет, лесно и без никакви проблеми го победи Фелицијано Лопез со 2-0 (6-2, 6-3) во сетови.
Победата на Ѓоковиќ воопшто не беше доведена во прашање бидејќи многу лесно успеваше да ги одземе гемовите на сервис на противникот.
Првиот сет заврши со победа на Србинот од 6-2, веднаш потоа Новак направи брејк и на почетокот од вториот сет, стигнувајќи до нова максимална победа. Негов следен противник на овој мастерс-турнир ќе биде подобриот од мечот меѓу Ришар Гаске и Бернард Томиќ.
Вториот носител Британецот Енди Мареј имаше тешка задача за да слави победа над „бомбардерот“ Џон Иснер и мораше да одигра три сета за победа од 2-1 (6-7, 6-4, 6-4). Следен ривал на вториот носител ќе биде подобриот од мечот Бердих – Симон.
Рафаел Надал полека но сигурно се враќа во својата форма од пред неколку години. Тој по подолго време одигра едно финале на тениските терени, на мастерс-турнирот во Пекинг. И на вториот турнир во Кина, Шангај игра одлично и веќе се пласираше во четвртфиналето победувајќи го Милош Раониќ со 2-0 (6-3, 7-6) во сетови. Канаѓанецот со црногорско потекло успешно му парираше на поранешниот најдобар тенисер во светот само во вториот сет кога успеа да стигне до тајбрејк, но не и да го освои.
Следниот противник на Надал ќе биде подобриот од дуелот Вавринка-Чилиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.