Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ја игра најдобрата сезона во неговата кариера. Покрај тоа што е неприкосновен на првото место на АТП-листата тој одлично и заработува од тоа.
Ѓоковиќ досега во 2015 година заработи повеќе од 15 милиони долари од турнирите, а сезона сеуште не е завршена. До крајот остануваат уште два турнира од мастерс-серијата, во Шангај и Париз, и завршниот турнир на сезона што се игра во Лондон. Тоа значи дека неговата банковна сметка може значително да се зголеми.
Изминатиов викенд, Ѓоковиќ ја освои титулата во Пекинг совладувајќи го својот голем ривал, Рафаел Надал во два сета, со 6-2, 6-2 . За Србинот тоа беше 12. последователно финале во 2015 година и осма титула од вкупните 56 што ги има досега во кариерата. Триумфот во Пекинг на првиот светски рекет му донесе 500 бода и награда од 654.725 долари.
Во историјата на белиот спорт досега никој нема освоено повеќе од 15 милиони долари во една сезона. Ѓоковиќ вкупно досега во неговата кариера од турнирите има заработенио 87.268.280 американски долари со што му се приближи на водечкиот во оваа категорија, Роџер Федерер кој има 94.746.573 долари. Трет на вечната листа е Рафаел Надал со 74 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


