МЗТ Скопје во петтото коло од новата сезона во АБА лигата славеше втор триумф на домашен терен по двата несреќни порази во Србија против Партизан и Мега Лекс откако имаше солидна двоцифрена предност.
Попладнево во СЦ „Јане Сандански“ беше совладана екипата на Игокеа со 75-70 откако по првото полувреме „металците“ имаа предност и 19 поени разлика (48-29).
Како и во претходните дуели избраниците на Алеш Пипан одиграа феноменално прво полувреме и тоа од самиот почеток на мечот, но реализацијата во вториот дел повторно беше болна точка кога можеа многу лесно и да ја прокоцкаат огрмоната разлика.
По третата четвртина кога МЗТ имаше предност од 16 разлика (61-45) и потоа како да застанаа. Му овозможија на противникот лесно за нецели пет минути да постигне 16 коша и да ја намали разликата на само шест поени, за во самиот финиш на 10 секунди до крајот дојде до еден напад од израмнување.
Плејмејкерот на сините од Скопје Љубичиќ промаши две слободни фрлања, по што Тодоровиќ заби во рекетот за неизвесен финиш (73-70) на десет секунди до крајот. Повторно фаулиран беше Љубичиќ, но овојпат плејмејкерот на „металците“ беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, разрешувајќи ги сите дилеми околу победата, изразена со конечни 75-70.
Мијатовиќ со 14 поени беше најефикасен, пред Дреновац со 13 поени, но главна фигура на натпреварот беше Љубичиќ, кој реализираше 10 поени, 10 асистенции и пет скокови.
МЗТ Скопје во следната рунда ќе се сретне на гостински терен со црногорскиот претставник Сутјеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.