Колумбискиот напаѓач Радамел Фалкао, кој настапува како фудбалер на заем во редовите на Челси, ќе може да почне да си ги пакува куферите бидејќи сосема е сигурно дека ќе ги напушти редовите на сините уште во јануари.
Менаџерот на тимот од Лондон, Жозе Мурињо, донел одлука за заминување на Фалкао бидејќи тој не е ниту бледа сенка на играчот што жараше и палеше во Шпанија во редовите на Атлетико Мадрид.
Популарниот Ел Тигре пристигна меѓу „сините“ на едногодишен заем од Монако, но исто како и ланското разочарување во Манчестер јунајтед, повторно се покажува во очајно издание во Премиер-лигата.
Челси по лошиот старт во Премиерлигата посакува дополнително да го засили тимот во зимскиот преоден рок, но најпрвин ќе се обиде да се ослободи од играчите кои не добиваат шанса за настап.
Фалкао е прв на таа листа, откако не ги оправда очекувањата на натпреварите на кои настапи. Тој го загуби и статусот на прва резерва на Диего Коста од Французинот Лоик Реми, па „сините“ ќе настојуваат да се ослободат од неговата плата од 180.000 фунти неделно, за да отворат простор за свежа крв во тимот.
Секако, прво ќе треба да се најде купец за Фалкао, a во моментов најзаинтересирани се челниците на Валенсија, кои бараат предводник на нападот на својот тим по слабите партии на Негредо и на Алкасер на стартот на сезонава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.