| четврток, 6 декември 2018 |

Владимир Пешевски во Кумановско најави владина поддршка за надминување на проблемите

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска изврши увид на состојбите во поплавените подрачја во Куманово и најави дека Владата ќе помогне што побрзо да се надминат проблемите. Констатира дека за среќа нема човечки жртви, но дека е предизвикана ограничена материјална штета.

Screenshot_1

– Долготрајниот дожд, но и ненавремената превенција од страна на локалните власти, како и несовесното однесување на мал дел од граѓаните доведоа до тоа каналот да прелее и куќите да бидат под вода. Сепак, службите вклучени во расчистувањето на поплавите ќе работат и тука, за да ја нормализираат состојбите во најскоро време, изјави Пешевски.
Тој додаде дека по расчистување на теренот ќе се направи обид да се најдат решенија, доколку е тоа технички можно, за да се намалат ризиците и да не се повторуваат вакви ситуации.
Посочи дека Владата додели определени количини нафта на сите општини, која дел е доставена и дека Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување продолжуваат со актиностите на терен.

Апелираше до локалните власти во најкус можен рок да ја формираат комисијата за проценка на штета и да излезат на терен, за да им помогнат на загрозените жители.

Вицепремиерот денеска оствари средби со граѓаните од населбата „Јоска Илиевски“, во која по вчерашните врнежи се поплавени триесетина објекти и локални улички. Со цел побрзо надминување на ситуацијата во населбата, изврши координација со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу да се донесе дополнителна опрема за побрзо испумпување на водата .

Ги посети и граѓаните од кракот на „Никола Тесла“ кај Циглана, како и расадникот на ЈП „Македонски Шуми“, каде се поплавени 15 хектари земјоделско земјиште.

Во текот на вчерашниот ден врнежите достигнаа до 70 литри на метар квадратен во кумановскиот регион и предизвикаа поплавување и на автобуската станица во Куманово, дел од населбата Доброшане и селата Бедиње, Лопате и Режановце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top