Луис Хамилтон е на чекор до нова титула во Формула 1 откако актуелниот шампион попладнево славеше на трката за Големата Награда на Русија и дополнително си ја зголеми предноста во однос на ривалите. Британецот знаеше како да ги искористи проблемите на својот тимски колега Нико Розберг, а кога излезе на чело на колоната, потоа не им дозволи на ривалите ниту да се понадеваат дека би можеле да му ја загрозат најновата победа.
Клучен момент на трката беше осмиот круг, кога Розберг поради проблеми со болидот мораше да се откаже, а Хамилтон потоа излезе на првото место. Себастијан Фетел немаше шанси да го стигне лидерот, но затоа рутински се задржа на второто место, додека неизвесна битка се водеше за третата позиција. Перез се до последниот круг имаше место на подиумот, но потоа се случи „драмата“. Ботас и Раиконен при еден ист свиол го минаа Британецот, но потоа во својата битка за третото место дојде до судир меѓу овие двајца возачи. Ботас не можеше да ја финишира трката, Перез го мина и стигна до третата позиција, додека Раиконен на крајот едвај дојде до целната линија за петтото место на руското гран-при, зад Фелипе Маса.
Хамилтон на четири трки до крајот на сезоната има огромна предност во однос на ривалите, со оглед на фактот дека тој има 302 бода зад своето име, пред Фетел со 236 и Розберг со 229 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


