| четврток, 6 декември 2018 |

Добитничка на европската книжевна награда – гостинка на „Букстар“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува гостувањето на белгиската писателка Изабел Вери на „Букстар“ првиот фестивал на европската литература во Македонија. На 10 октомври 2015 година, со почеток во 20 часот, во фоајето на киното „Фросина“ во Mладинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде промовиран нејзиниот роман „Обескостена“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го преведе Маргарита Терзијан-Маленкова. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Романот е добитник на Европската книжевна награда во 2013 година, а ќе го промовира писателот Владимир Јанковски, кој, покрај промотивната реч, ќе направи и краток разговор со гостинката. Делови од романот, заедно со Изабел Вери, ќе чита актерката Јасмина Василева од кумановскиот театар, која ќе биде и водител на настанот. За музичкиот дел е задолжен актерот и музичар Ајс Сол Комбо кому ќе му се придружи и писателката во еден специјален настап за македонската публика. Промоцијата ќе биде преведувана на македонски од Зоран Радически.

unnamed (2)

Изабел Вери, освен што е авторка на три книги, се занимава и со глума, со музика и со танц, па оние што ќе дојдат на промоцијата ќе имаат можност да се запознаат со делото на еден интересен начин и да уживаат во актерскиот и во музичкиот настап на оваа оригинална писателка. Како актерка и режисерка, настапувала во неколку театри во Белгија, Франција, Италија и пошироко во Европа, а на сцената отелотворила многу ликови од Шекспир и од Брехт. Како музичарка, постојано е на турнеи насекаде низ светот. Оваа мултимедијалност во нејзиниот сензибилитет, спојот на неколку уметности, придонесува промоциите на нејзините книги да бидат несекојдневни и поинакви.

Јазикот и стилот на кои е напишан романот „Обескостена“ се крајно разбранувани, при што ги откриваат слободите што ги имаме денес. Потрага по љубов, по идентитети, средба со виша сила, соочување со смртта – сето тоа ги открива харизмата на авторката и нејзиното мошне женско опишување на нештата, со необична искреност. Напишан како интимна исповед, во еден совршен сплет од нарација, поезија и дијалог, овој роман тешко може да го сместиме во некој жанр – самата авторка го дефинира како „иницијациска сказна“.

unnamed (3)

Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и на 12 октомври во Книжевниот центар „Антолог“ со почеток во 10 часот, кога ќе се одржи програмата „Лично авторот!“ – средба со читателите и потпишување книги, при што претставник на издавачката куќа „Антолог“ ќе ѝ подари македонско вино и неколку сувенири како спомен од Република Македонија.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top