Македонската сениорска ракометна репрезентација доцна синоќа отпатува за Бар каде ќе ги започне квалификациите за ЕП 2016 против селекцијата на Црна Гора.
Во новиот квалификациски циклус, македонската селекција стартува со подмладен состав предноводен од новиот селектор, Симе Симовски.
Ракометарките вчера го одработија последниот тренинг во „Кале“ пред заминувањето за Црна Гора. Во последната селекција од репрезентативниот состав за овој меч отпаднаа голманките Нина Ладева и Матеа Серафимова и десното крило, Наташа Нолевска.
Покрај репрезентацијата на Црна Гора која е прв противник на Македонија во овој квалификациски циклус, во групата се уште и селeкциите на Хрватска и на Словенија.
– Овие квалификации ги започнуваме со доста подмладен состав. Тоа е целта за да се направи добра база за репрезентацијата. Сите три репрезентации од нашата група се многу поискусни од нас. Освен трите поискусни ракометарки, Елена Ѓоргиевска, Душица Ѓоргиевска и Зорица Десподовска сите останати се доста млади. весни сме дека нашиот состав е млад и неискусен и дека ќе треба време и трпение за да дојдеме до некој резултат. Но, мојата цел е да пружиме една добра игра во одбраната, да се наметнеме со наш стил на игра што ќе го негуваме во иднина. Тоа не оди брзо, можеби ќе одиграме добро само 20 минути или можеби 45 минути од мечот, но битно е да почнеме да играме така и да одиме чекор по чекор напред – истакнува селекторот Симовски.
Првиот натпревар македонските репрезентативки го играат против најсилната репрезентација во групата.
Црна гора според рејтингот и квалитетот е главен фаворит во групата. Но и покрај тоа, ние не одиме со бело знаме. Ќе се потрудиме да пружиме што подбра игра. Ова ќе биде тежок меч за нашиот состав, но во исто време и драгоцено искуство за овие млади ракометарки за во иднина – вели македонскиот селектор.
Натпреварот Црна Гора – Македонија ќе се одигра утре со почеток во 19.30 часот во Бар. А, на 9 октомври во Скопје, Македонија ја пречекува селекцијата на Хрватска.
Состав:
голмани – Наташа Антиќ, Драгана Петковска
крила- Јована Саздовска, Сара Митова и Сара Ристовска
бекови – Дајана Јовановска, Теодора Керамитчиева, Ангела Тодоровска, Андреа Белевска, Елена Ливриниќ, Душица Ѓорѓиевска, Симона Стојановска, Зорица Десподовска, Елена Ѓорѓиевска
пикери – Марија Николиќ, Ивана Гакидова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



