Борко Ристовски, голманот на македонската ракометна репрезентација, не е изненаден од одлуката на новиот селектор Ивица Обрван тој да не патува во Гвадалахара, на реванш-натпреварот со Шпанија, во рамките на квалифиакциите за ЕП 2014 година. Тој за порталот „Екипа“ изјави дека е смешно тврдењето дека тој бил љубоморен на својот колега Петре Ангелов-Диви.

На местото на Ристовски, Обрван го повика голманот на Металург, Никола Митревски.
– Да бидам искрен, не сум изненаден од одлуката на хрватскиот стручњак од причина што од моето само доаѓање во репрезентацијата имаше некој чуден, неискрен, нетипичен однос играч-селектор. Непотребно се создаваше тензија, не знам од кои причини тоа беше случај, но не сакам да ни да навлегувам во тоа. Во моментов најважна е репрезентацијата и нејзините резултати. Да оставиме ракометарите да се подготват што е можно подобро за мечот во Гвадалахара. Без оглед дали сум таму или не, јас секогаш ја давам поддршката за нашиот национален тим и се надевам дека ќе се прикаже во добро светло на ова тешко гостување – изјави Ристовски за ЕКИПА.
Голманот на Гумерсбах категорично ги демантираше шпекулациите на дел од медиумите дека до караница меѓу него и Обрван дошло поради вклучувањето на Ангелов во националниот тим.
– Прочитав дека не сум бил задоволен бидејќи Ангелов е во репрезентацијата или затоа што бранел. Тоа е премногу смешно за некој да го помисли или, пак, да го презентира, јас не гледам причина зошто некому би му бил љубоморен, посебно не на Ангелов во кого гледам една конкуренција од која единствено може да се извлече плус за нашата репрезентација. Секоја споредба меѓу мене и Ангелов е смешна и илузорна, тоа многу добро го знае селекторот, но пак ќе кажам да ги оставиме работите да одат онака како што Обрван мисли дека треба. Дали тоа ќе биде успешно за мене или пак за него, ќе покаже времето – додава Ристовски.
Обрван на прес-конференцијата пред мечот со Шпанија изјави дека ракометарите што ќе бидат скратени од списокот не се целосно избришани од националниот тим, туку на нив ќе се смета за идните натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


